Смислена приказна за продолжение и можен крај

Пред исчезнување

Небесно синиот и црвен коловрт на влезот на западната страна на првиот од многуте одамна напуштени градови, наредени еден по друг и поврзани со каменен пат, во меѓувреме го сретнав и на други места, на сите страни;  меѓу речиси исти два рида со два извора и две реки, исто така во големи мазни стени без процепи. Во меѓувреме и јас и другите уште живи сè уште не сме откриле кога и од кого се изделкани. Без оглед на тоа што е поразително дека никој не се сомнева во нивната немерлива заштитна сила.Секој што влегол, дури и оној што само намислил да влезе во во кој било град тврди дека енергијата што притоа ја чувствува во себе му го прочистува телото, му ја облагородува душата, му ги затврдува мислата и самодовербата. Секој чувствува исто како да преминува од една телесна и духовна состојба во друга.

Чудно, но е: на излезите на источната страна на одамна напуштените градови, исто така во голема мазна стена без процеп, е изделкано сонце со шеснаесет краци,осум големи и осум мали. И јас и другите уште живи го нарекуваме Аргеадска ѕвезда, повикувајќи се на кралската династија Аргеади која го основала Македонското Кралство, а чиј митолошки основач е Каран.

Сè уште и јас и другите уште живи не сме откриле зошто само среде и на околните дебели ѕидини на првиот напуштен град беа изнаредени мраморни идентични статуи со различни големини и бисти на фараонката Клеопатра Седма Филопатор; последната од династијата Птоломеј. Зошто нема и во другите? Можно ли е да имало, но во меѓувреме некој незнаен или некои незнајковци ги урнале, ги однеле негде далеку, ги закопале длабоко в земја? Можеби ги украле и сега се наоѓаат во темни агли на светски музеи во жизнено пулсирачки градови, како експонати од античкиот период?

Интересно и за мене и за сè уште живите е што во другите напуштени градови не сретнавме релјеф ист или сличен на оној во првиот, на високиот ѕид на северната страна; со приказ на смртта на Клеопатра и Антониј. Дури малку парадоксално: во нив не најдовме статуи и бисти на Клеопатра, но го среќававме небесно синиот и црвен коловрт и сонцето со шеснаесет зраци!

Неодамна пред влезот на западната страна на првиот напуштен град пак го сретнав бездомникот кој ми раскажа мошне интересна приказна за наводната трајна врска меѓу него и Клеопатра; како негов одговор, поточно негирањето дека фараноката имала многу љубови, а нејзината природа била нескротлива; поготово на шегобијното тврдење на намерници дека воделе љубов со неа.

Го потсетив бездомникот на неговата приказна, решително негирајќи ја нејзината веродостојност; имено, дека ја смислил не знам зошто и сум сигурен дека е бесцелна.

Ме праша:

„Зошто мислиш дека не е веродостојна, сум ја смислил и е бесцелна? Затоа што уште не си ги надминал границите меѓу времињата, конкретно меѓу времето на Келопатра и денешново? Мислиш дека животот и љубовта како негова творечка енергија не се трајни, вонвременски?“

Признавам дека ме збуни прилично. Се замислив, па му одговорив:

„Па, тоа можеше да ми го докажеш и со нешто друго од твоето бездомничко патешествие. Со нешто што е директно поврзано со него“.

Тој исто како првиот пат:

„А зошто да не со мене и Клеопатра, кога се знаеме уште од античко време и сме заедно сè до денес? Треба да ми веруваш и дека сигурно ќе бидеме до смрт. Првиот пат ти нагласив, еве и сега дека не сме биле, ниту сме љубовници, туку само најдобри и најверни пријатели. Кои си доверуваат сè. Белки не треба да ти докажувам, белки веќе осозна сам за Клеопатра како најлична жена на светот, со неменлива и неминлива личотија. И ќе нема друга како неа дури е светов и веков“.

Решив да му докажам дека нема што не знам за неа. Можеби повеќе од него:

„Не знам дали случајно или намерно, но ни првиот пат ни сега не ја спомна династијата Птоломеј, владејачката со Египет. Најнапред како совладетел на својот брат и маж Птоломеј XIII. Ниту Јулиј Цезар, кој го победува Птоломеја и ја враќа Клеопатра на престолот. Не ти е познато дека се омажила и за својот втор брат Птоломеј XIV, а му станала љубовница на Цезар кој ја повел во Рим? Тврдиш дека си доведрувате сè, па зарем е можно да не ти ни спомнала за Марко Антониј и трите деца со него?“

Бездомникот ми возврати:

„Тоа е историја. Многу од тоа не е докажливо и на како такво не му придавам значење. Дури и на наводната заедничка умирачка со Антониј, со труење, со каснување на змија отровница. Шекспировата драма „Клеопатра и Антониј“ е само драма, исто како што се книжевни дела „Ноќта на Клеопатра” од Теофил Готје и „Цезар и Клеопатра” од Џорџ Бернар Шо. Апсолутно ми е неприфатливо нејзиното прикажување како демонска жена која за мажите е фатум.  Била, останала и е со мене само убава, која наспоредно владеела и ѝ се предавала на љубовта со телото и духот“.

Дополнив:

„Иако не е потврдено, според мене е мошне значајно тоа што Клеопатра VII Филопатор била роднина на Александар Велики. Нејзин далечен предок бил Птомолеј I, генерал на Александар и најверојатно полубрат по татко му Филип Македонски“.

Не заборавив да го прашам пак:

„Зошто престојуваш во напуштениов град одвреме-навреме, и тоа само ден или ноќ? Дали дека е таа во него уште од античко време и не ни помислува да го напушти?“

Ми одговори отсечно:

„Ти реков и пак ќе ти речам: затоа што е тој одамна напуштен од живиот свет, а е жив оставен сам да исчезне. Како пред самоти смрт, по многу векови секаков живот. И Клеопатра не помислува да го напушти зашто е мраморна, а статуите и бистите се нејзини мигови на опстанување. Кои никој никако не може да ги оживее“.

Не пропуштив да го прашам за неговото бездомништво:

„Зошто си бездомник? Никогаш не си имал дом или, пак, некогаш си го изгубил?“

Ми одговори со слушлива тага во гласот:

„Мој дом е сиот жив и мртов свет. Целиот живот со смрт. Мој и на мојата Клеопатра“.

Јас збунет:

„Која твоја Клеопатра?! Твојата од антиката до денес?!“

 Со загадочна насмевка:

„Зарем може да има друга како неа?“

Пак го допрашав, како при нашата прва средба:

„Заедно сте и кога не сте?“

Ми одговори кусо:

„Да, и тоа благодарение на коловртот и сонцето со шеснаесет зраци“.

Последно што го прашав:

„Не мислам и не сакам да се сретнеме пак, па затоа одговори ми конечно дали сметаш дека коловртот и шеснаесеткракото сонце се секогаш заедно?“

Ми одговори самоуверено:

„Тоа е несомнено. Коловртот и шеснаесеткракото сонце се сила, достоинтво, оган и стремеж кон вечноста или бескрајот. Од раѓање до смрт на сите“.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 55

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.