Изворот на љубовта на Љуба и Љубен до пред последната пустош беше жив. Се наоѓаше под карпа крај која се втопуваа нивните врвици во една, опколена од високи борови, трње и трева. Не најдоа никаква трага на други пред нив, па радосно го прибраа во себеси како само нивен. Извор само на нивна љубов.
Љуба и Љубен често во исто време тргнуваа по своите врвици кон изворот и секогаш истовремено стасуваа на него. Под карпата крај која тие се втопуваа една во друга. Стануваа една во нејзината сенка. Изворот жизнен, длабок и бистар, човек да не може да се изнапие од него, со сончеви зраци кои ту се прекршуваа на неговата поврвнина, ту продираа длабоко, можеби до неговото дно. Пиеја, се капеа во него, играа крај него, се гушкаа, се милуваа и ѝ се препуштаа на страста. Се враќаа од него секогаш заедно, по неговата или нејзината врвица.
Изворот на љубовта на Љуба и Љубен беше жизнен, длабок и бистар многу време. Повеќе од пет нивни заеднички децении. Сè до пред последното завладување на пустошот. Тој штотуку почна да завладува и со нивниот живот, како еден од последните.
Веќе истоштени тргнаа во едно рано утро кон него, по своите врвици, во неугаслива надеж дека ќе го најдат каков што беше-само нивен.
Го најдоа пресушен. Заклучија дека не им преостанува ништо друго, освен да легнат под карпата, во нејзината сенка и да починат во мигновена смирност.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 68




