Студено неделно сончево претпладне. Јас и Војне Славески, мој добар пријател, во прошетка во центарот на градот, од Градската фонтана до кејот. Често знае да ме изненади со свои гестови, реакции, постапки и однесување. Некогаш ненадејни, со повод или без, а некогаш како почеток или крај на наша расправа. Не можам да се навикнам на нив затоа што некако отскокнуваат од неговиот карактер, од неговата стаменост и постојаност. Особено од сталоженоста.
На пример, чекориме бесцелно и молчешкум низ некоја улица во градот, се загледуваме рамнодушно во некој излог, па Војне наеднаш се затрчува, се замешува во луѓето и ми се губи од вид. Продолжувам во ист правец, па го наоѓам на крстосница на која завршува улицата, а од неа во два правца почнуваат широки булевари. Го премолчувам неговото оддалечување со трчање, а го прашувам зошто го стори тоа, има ли смисла и цел. Тој отсечно, дури наредувачки:
-Немаме каде потаму. Ниту крстопатов е за нас, ниту нашата улица има продолжение. Булевариве ќе ги чекориме другпат. Ајде назад.
Му дојде двапати да се однесува ненадејно и чудно спрема луѓе со кои се разминувавме. Првиот пат на Мостот на пријателството, а вториот во Културниот кварт.
Се најдовме една вечер крај стара камена стражарница среде Мостот на пријателството, потпрени на железната ограда, во круг светлина на една канделабра. Загледани во бесшумната река под нас. Зад нас минуваа ретки минувачи и автомобили.
Во еден момент тој се сврте и насмеан, со раширени раце пречека младич и девојка фатени за раце. Срдечно се ракува со обајцата, а со девојката и се гушна. Тие се погледнаа, му се насмевнаа и низ смеа го продолжија чекорот.
Го прашав:
-Ги познаваш?
Одмавна со глава:
-Не.
Го допрашав:
-Па зошто се поздрави со нив срдечно и го гушна девојчето?
Насмевнат:
-Така ми дојде. А зошто да не?
Вториот пат се случи во Културниот кварт, во кој наминувавме ретко, најчесто сосем случајно. Едно студено неделно сончево пладне тој се качи на бина, на која одвреме-навреме се изведуваат разни театарски претстави и поетски манифестации, и им се обрати на случајните и намерните посетители:
-Драги мои сограѓани, мои пријатели, познајници, непознати, сакам да ви порачам и да запомните дека е многу важно за вас што почесто да доаѓате во Културниов кварт. Книжарниците, кината, музеите, галериите, концертните сали и сè друго во него е за богатење и облагородување на нашиот личен и заеднички секидневен живот.
Слезе насмеан, радосен. Го прашав што му требаше тоа, а тој ми одговори:
-Ме предизвикаа рамнодушноста и вчудовиденоста на лицата на повеќето од посетителиве на Културниов кварт. Поготово на случајните. Мислам дека успеав да собудам некои од нив.
Којзнае што ќе му дојде другпат на Војне Славески.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 67





