Во восприемањето и разбирањето на модерниот роман вистинска пресвртница направи делото „Естетика на рецепцијата“ на Ханс Роберт Јаус. Особено во еднаквиот третман на чинителите на тријадата автор-дело-читател. Со оглед дека дотогаш читателот при процесот на создавањето секогаш беше трет, и тоа како константа, оттогаш станува променлива вредност.
Суштинската промена кај творецот се случува во неговата рецепција за книжевното дело воопшто, на романот конкретно. Исто така како променлива вредност. Не е тоа изразито во временскиот континуитет-односот спрема него се менува од актуелност до заборавност, туку пред сè во односот спрема конкретната стварност, нејзината фрагментарност, спрема неговите структурни елементи-од амбиентот, атмосферата до носечките и епизодните ликови. И сето тоа во рамки на една композициска цврстина.
Има уште нешто суштествено, а иманентно на модерниот роман: динамичното дејствие проследено со отсечно, напати забрзано, напати зазбивано раскажување, и раскажувачки стил кој веднаш влегува во срцевината на настанот. Ако на сè тоа се додадат животноста, енергијата и уверливоста на кажувањето-ете дело, ете роман на времето, на романот-река, на романот-монтажа, на романот на случување, на романот на ликови, на генеалошкиот, романот-фреска, на просторниот, полифонискиот, цикличниот, архитектонскиот и уште какви сè не други видови романи кои го имаат заедничкиот именител модерен.
Се разбира, при читање и критичка перцепција на кој било модерен роман треба да се земат предвид и други, од многумина критичари и теоретичари на книжевноста веќе дефинирани „општи“ специфики:
На модерниот: психолошкото односно субјективното време, кое во стварноста трае неколку дена или часови; настани низ репродукција на свеста; внатрешен раскажувачки монолог; доминација на ликот, а не на настанот, со цел откривање на човековиот внатрешен свет; дефабулација или претпочитање на субјективното доживување на ликот; различност на раскажувачот-од субјективен во прво лице еднина до неодреден, променлив, полифон и сезнаечки во трето лице еднина; јазикот насочен кон подлабоки значења, со или без употреба на симболи (метајазик), мефатори и други стилски фигури.
На постмодерниот: делото променливо, повеќезначно; структурата сосема отворена на читателот и неговата интерпретација; приказната се гради од фрагменти и од други приказни и жанри; се спојуваат разни поранешни стилски правци; се избегнува апсолутен крај; се губат границите на приказната која стои помеѓу реалното и имагинарното.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 111




