Како ни минува времето, јас, Аристотел и Марија Саломеа Склодовска-Кири сè почесто разговараме за времененоста. Знаеме дека не знаеме многу, но мислиме дека знаеме доволно за тие разговори да не ги водиме во општи рамки и да ги концентрираме на нејзината суштина. Имено, неретко, речиси исклучиво нив ги сведуваме на нејзиното постоење и непостоење, на нејзината мерливост и немерливост, посебно на личниот однос спрема него на човек со интегритет и идентитет во живот и по смрт. Почесто во моите разговори со Марија Саломеа отколку со Аристотел некако сами од себе ни се наметнуваат согласности и спротивставувања во врска со елементарното воспримање на егзистенцијалната постојаност на човекот на маргините на светот. Во моите разговори со Аристотел, пак, почесто отколку со Марија Склодовска некако сами од себе ни се наметнуваат празнотиите во животот на докажана личност, а особено самостите во нив кои го иницираат, поттикнуваат и развиваат заборавањето наспроти паметењето.
На пример, досега на неколку наврати разговаравме за измереното време и неговата минливост, односно за нив како наметнати од самиот начин на егзистирање во простор кој се освојува, па се ништи и урива за во него да се создава одново. Паметам дека еднаш со Аристотел, а потоа со Марија Кири докажувавме дека од суштествено значење е користењето на енергијата на љубовта, во иста мера како радиоактивноста на полониумот и радиумот. Притоа, јас не се ни обидов да го спорам нејзиното инсистирање дека љубовта спрема Пјер Кири ѝ била беспрекорна и до смрт ќе ја одречува неговата смрт со прегазување од кочија. Имено, токму таа нивна љубов била spiritus movens за нивните големи и темелни истражувања. Не го спорев тоа, но го спорев нејзиното значење во однос на времененоста на животот ограничен од годините. Не можев да се согласам дека оној што сака да постигне врвни резултати во какво било истражување треба не само да биде посветен, туку да има и време во кое ќе живее свој живот. Без оглед на годините и сопатништвото со најближен. Аристотел го поддржа мојот став за минливоста на индивидуалниот опстанок во заедница која постојано се надградува себеси, имено дека таа минливост е ограничувачка при создавање на едно дело, особено кога станува збор за уметничко. Не пропушти да ја истакне универзалноста на музиката како уметност од звуци и тишина ограничени со време. Во друг разговор му го посочив ставот на Милан Кундера дека музиката е говор, а нејзината вечност се потврдува со стереотипната хармонија, баналната мелодија и монотониот ритам; кои, пак, ги обединуваат луѓето согласувајќи се со постоењето.
Како за многу други нешта, и за времененоста јас, поет Константин Миладинов, најмногу од моето време изделувам за разговори со моите пријатели композиторот Илија Пејоски, глумицата Тенка А. Коларова и сатиричарот Софе Штерјоски. Неразделна тројка, со мене четворка, сите во поодминати години. Илија и Тенка пензионери, а јас и Софе до пензија уште три години. Одвреме-навреме, што значи на секои два-три дена се наоѓаме во Градскиот парк во прошетка и неврзан разговор за сенешто.
Кога е збор за постоењето и непостоењето визави времененоста, неодамна разговаравме поврзувајќи ги со рожбите и родот. Разговаравме кусо, само изнесувајќи свои ставови во два-три збора.
Прво јас:
-Лично не сум ги слушнал, но сум сигурен дека Аристотел, Марија Склодовска Кири и сличните на нив, со неодминливи мисли и ненадминливи дела во историјата на човечката цивилизација, го делат мојов став: постоењето и непостоењето на светот, а особено на деструктивноста и очовечувањето на човекот се секогаш во директна корелација. Тоа, пак, нема никаква врска со времененоста на сè што доживуваме, преживуваме и одживуваме. Едните се надоврзуваат на другите, а третите се најчесто траги меѓу постоењето и непостоењето.
Се надоврза Илија Пејоски, по малку зајадливо:
-Јас за тоа ништо не сум прочитал од Аристотел. За Марија Саломеа знам дека била цел живот оддадена на математиката, физиката и хемијата, особено на проучувањето на радиоактивните материјали. Можеби тебе ти кажала што мисли за постојаноста и непостојаноста визави времененоста. Јас мислам дека треба да се потенцира минливоста во однос на животот од раѓање до смрт, особено нејзината бавност или брзина. Сакам да речам дека токму од бавноста или брзината на минливоста најмногу зависи времененоста на човекот и неговото очовечување. Јас сум музичар, композитор, па многу добро знам колку совршеноста на музиката како уметност ги поврзува постоењето и непостоењето, исто како рожбите и родот. Истовремено, токму таа совршеност е брана на времененоста.
Следуваше Тенка А. Коларова:
-Јас мислам сосем спротивно од вас! Имено, на минливоста во однос на времененоста не треба да ѝ даваме некакво посебно значење. Напротив, таа си има своја бавност и брзина со многу мала, би рекла безначајна близост со постојаноста или непостојаноста на животот од раѓање до смрт. Тоа можам да го потврдам со мојот личен пример. Сум прва македонска глумица во историјата на македонското глумиште, додека ја глумев „мојата“ Геновева во мелодрамата „Многустрадалната Геновева“ добивав големи фалби, но „траев“ кратко. Морав буквално да исчезнам, да бидам временена, минлива, мигновена според бавноста на текот на времето во кое суштествував. Зошто? Се знае: живеев и глумев во време кога на жената се гледаше со поинакви очи. Меѓу другото, дека на чесната не ѝ личи да се покажува јавно. Сакам да речам дека моето траење како глумица беше „своевидно“ минливо.
Последен сатиричарот Софе Штерјоски:
-Мене ми е многу глупава расправава за постоењето и непостоењето визави времененоста, поврзувајќи ги со рожбите и родот. Само си ги тормозиме мозоците. Многу е просто: постоиш или не постоиш, ти си временен. Со рожбите и родот или без нив. Еве јас, на пример. И да ви докажам, воопшто не ми е грижа дали сум постоел или не, ниту дали ќе постојам или не во живот и по смрт. Испишав што испишав во мое време, создадов што создадов, а по мојата смрт, се разбира за рожбата и родот прерана, ниту гледам, ниту слушам дека некој ме спомнува. Па што? Да бидам сериозен, станува збор за личен однос спрема времененоста на човек со интегритет и идентитет во живот и по смрт. Кој, пак, е директно и индиректно поврзан со опстанокот на живиот и мртвиот свет. Се случило нешто пред него, но тоа нема никакво значење. Секое случување содржи специфично време, за едни статично, за други движечко, а тоа воопшто не зависи од значењето или безначајноста. Во овој контекст јас ја преферирам состојбата на човечкиот творечки дух, на човекот како творец. Ја имам предвив од многумина мислители и творци нагласената несопирлива потрага по лично неизмерно време.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 53





