Димитар се фалеше дека знае да чита меѓу редови и да слуша меѓу зборови. Му се чудеа блиски како научил, не знаат за друг кој го знае тоа, но и не му веруваа дека е тоа воопшто можно. Имено, општопознато е дека читањето меѓу редови е умешност која најмногу зависи од тоа што конкретно се чита, потоа од конкретната ситуација или конкретното собитие, а најнакрај од самите редови-нивната јасност, нивното значење, нивниот контекст. За умешноста слушање меѓу зборови, пак, не знаат многу. Всушност не знаат ништо. Веројатно станува збор за некое ново или многу ретко знаење, па премолчуваат, одмолчуваат, се воздржуваат од каква било расправа и каков било коментар. Димитар беше толку самоуверен, но и убедлив дека тоа знаење е непроценливо, досега во животот многупати му помогнало да надмине собитие, непријатност или последици, што на блиските често им нагласуваше дека секогаш им стои на располагање. Можат да побараат помош од него во секое време.
Одвреме-навреме ќе се најдеше некој да се сети да го праша како научил да чита меѓу редови. Тој одговараше:
„Долго време внимателно читав редови, притоа не дозволувајќи си да им верувам сосем. Долго тие за мене беа испишани што се вели здраво за готово, а празнините меѓу нив беа празнини, белини, без ништо. Моите сомнежи дека не се, ниту можат да бидат такви почнаа да се јавуваат откога почнав да читам редови испишани од големи мислители и писатели. Па така, од ден на ден сè почесто и сè повеќе читав меѓу редови, дури воопшто не читајќи ги редовите“.
Тој некој ќе останеше зачуден и ќе се сетеше да го допраша дали сака да рече дека големите мислители и писател во најголема мера пишуваат меѓу редови пишувајќи редови. Тој одговараше:
„Мислам да, сеедно дали свесно или несвесно. Се разбира, бидејќи создаваат големи дела ним не им треба знаењето читање меѓу редови. Ним и редовите меѓу редови им се редови. Тоа знаење ни треба нам, ако сакаме точно и правилно да ги разбереме“.
Додаваше:
„Знам дека нема да ме прашаш, па да ти доречам: колку повеќе во нивните дела има редови што им се меѓу редови, толку се тие поголеми, со многу трајни вредности и малку минливости“.
Одвреме-навреме ќе се најдеше некој да се сети да го праша како научил да слуша меѓу зборови. Тој одговараше:
„Долго време внимателно слушав секакви зборови и ја следев внимателно интерпункцијата меѓу нив. Исто како кога е збор за меѓу редови, и за нив не си дозволував да им верувам сосем. Долго тие за мене беа изговорени што се вели здраво за готово, а празнините меѓу нив беа недоречености, премолчувања, одмолчувања или тишини; без никакви повишувања или снижувања на гласовите, без повеќезначност или многузначност. Почнав да слушам големи мислители, творци и говорници. Од ден на ден сè почесто и сè повеќе научував да слушам меѓу зборови. Да, дури воопшто не слушајќи ги изречените“.
Тој некој ќе останеше зачуден и ќе се сетеше да го допраша дали сака да рече дека големите мислители, творци и говорници во најголема мера зборуваат меѓу изговорени зборови. Тој одговараше:
„Мислам да, сеедно дали свесно или несвесно. Се разбира, бидејќи како големи никогаш не зборуваат напразно, не употребувајќи празни зборови, ним не им треба знаењето слушање меѓу зборови. Ним и зборовите меѓу зборови им се зборови. Тоа знаење ни треба нам, ако сакаме точно и правилно да ги разбереме“.
Раскажувањево за Димитар и неговото ретко знаење во минато време само по себе го наметнува прашањето што се случило со него во меѓувреме, значи ли тоа дека веќе не е меѓу живите. Да одговорам, со нагласка дека од ден на ден на сè помалку негови блиски он им е уште во живо сеќавање:
Во меѓувреме Димитар стана познат и мошне способен политичар. Беше надалеку познат особено кога е збор за балансирање меѓу потребите, можностите, надежите, ветувањата и личната одговорност.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 63





