Често та пречесто човек
Застанува пред ѕид кој
Он без никој свој треба
Да го пробие или урне
Затоа што не дозволува
Никој да го обѕида
Освен ако сака сам
За да се одбрани
Од навалица на туѓин
Освојувач непријател
Или некој рамнодушен
Поради негова слобода.
Често застанува
И пред некоја планина
Со врв кој решил
Да го искачи дури е
При сила
Може затоа што веќе
Предолго живурка
Во нејзиното подножје.
Се случува случајно
човек долго да чекори
Зад сенка на човек кој
Некогаш пробил
Или уште урива ѕидови
Со кои туѓини
Со кои освојувачи
Со кои непријатели
Или рамнодушни
Поради негова слобода
Сакаат да го обѕидаат.
Се случува случајно
Или намерно
Човек долго да чекори
Зад сенка.
Често човек стои сам
Зад некоја тишина
Која без престан
Се шири на сите страни
За ни случајно
Да не навлезе во неа
И да замолчи засекогаш
Та да нема ни збор
Ни знак
На свое постоење
Во несвршено време.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка, 57




