Случај

Јанѕи од јава во јазол

Случај во краен случај
Се случи неминовно
Кога во никој случај
Ниту во најдобар
Ниту во најлош
Не беше верно
Дека веќе ни случајно
Не може да се случи
Сончев зрак да зајде
Пред да настапи
Ниедно доба.

Зајде сончев зрак
Пред ниедно доба
Меѓу луѓе на два брега
Како на два света
На надојдена вода.

Од кога таа надојдена?

Според некои учени
Се случило да надојде
Истовремено со игра
На случај кој бил
Толку тежок и редок
Што никој не можел
Да го изигра а притоа
Да остане здрав и жив.

Имено
Надојдената вода
Со луѓе на два брега
Како на два света
Којзнае колку длабока
Прекуноќ стана матна
И прекуноќ бескрвна.

И стана бесшумна
И бесплодна
И стана безизразна
И бесполезна.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка, 55

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.