Влегуваат
во голем до небо извишен
мраморен човек
луѓе неми молчаливи
се чини тажни
поради којзнае што.
Во него празнина тишина
мрачина
понекој зрак сончев
во близина во далечина
понекој знак на постоење
во дамнешно во блиско
во најблиско минато.
Луѓето што влегуваат
без престан
во ред еден по еден
како да влегуваат во оган
како да исчезнуваат
истовремено го слушаат
големиот до небо извишен
мраморен човек
како дише длабоко тешко.
Луѓето влезени
и луѓето пред влегување
само се прашуваат
дали во него има место
за сите.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 54





