Различни смрти

-Колку животи, толку смрти.

-Забележувам дека сè почесто зборуваш за смртта. Сега, пак, за смрти! Има причина? Дека си во години? Дека сме?

-Можеби…Веројатно…Како што го трошиме животот, така нè троши смртта. Се разбира дека има многу од што сум и од што сме во години, но се разбира и дека има од друго. На пример, секојдневните навалици на собитијата и проблемите. И личните и колективните. Па секирации, па болести, па невремиња…

-Не прифаќам!  Мислам дека човек воопшто не треба да мисли на смртта…

-И на животот.

-Па може…Треба да се мисли како се живее, како да се олесни, како да се менува, како да се напредува животот…

Добро, ај за смртта. Таа според тебе  не е иста за сите и кај сите? Секоја е различна во однос на сите други?

-Според мене недвојбено да.

-Добро е да образложиш. Не знам некој досега да изнел таков став. Различни се времињата пред смртта…Претсмртното време…Претсмртниот час…А самата смрт…Таа е напросто престанок на дишењето, срцето престанува да чука…Ми паѓа на ум дека различни од природната се предвремената и клиничката смрт…Различни се и индивидуалната и колективната…

Прочитај и за ... >>  Земна сила

-Ете, ти наведе дури четири различни смрти. Да ти изнаредам други?

-Мислам дека поентата ти е во трошењето на животот и смртта. Како рече? Како нè троши животот, така нè троши смртта. Се согласувам, но имам и прашање: пто е со обновувањето наспоредно со трошењето, пред сè на животот?

-Го обновуваш додека имаш сила, односно додека смртта не те обессили дотолку, што да не ти преостане ништо друго освен целосно да ѝ се предадеш.

-Сè што е живо умира порано или подоцна.

-Со различни смрти.

-И ние?

-Недвојбено. Дури и во ист час, дури во ист миг.

-Да живееме додека живееме. Полн живот.

-Но истовремено одвреме-навреме да мислиме на смртта. Не само поради годините. Мислејќи на неа, мислиме на она што го оставаме по неа. Дали и колку во минливото ќе има понешто трајно од нас.

-Да продолжиме да му се радуваме на животот!

-Да продолжиме надевајќи се дека нема да ни се случи да се радуваме на надоаѓање на нашите смрти.

Прочитај и за ... >>  Во мисла

-Те љубам.

-И јас тебе.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 32

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.