Му се случува

Пред исчезнување

Конечно разбра и може да тврди аргументирано: нему одамна му се случува најмногу, му се случило најмалку и има сè помалку време за неизвесно случување. Одамна му се случува најмногу наспроти или спротивставено на намерни состојби, процеси и дејствија; најмалку му се случило затоа што каузалитетот го докажува или оправдува самото постоење на светот во движење; а има сè помалку време за неизвесно случување со оглед на годините и забрзаното снеможување.

На пример, нему одамна му се случуваат случајни средби со луѓе кои живеат во омеѓени простор и време. Тоа само по себе значи нивно меѓусебно отуѓување, самоизолација и губење на интересот, па и на способноста за меѓусебна комуникација. Тоа се однесува подеднакво на мажите и жените во зрело доба. Загрижува несвесноста за тоа, поготово рамнодушното прифаќање како неминовен процес на модерната живеачка. Притоа, без најмало спротивставување.

При една од случувањата на случајните средби:

-Госпоѓо, зошто сте дигнале висока брана меѓу Вас и мене, а да не се ни обидувате да ја запознаете мојата природа?

-Зарем Вие уште не сте осознале во кое и какво време живееме? Дека е тоа сè помалку неизвесно, а сè повеќе загрозувачко за единката? Не Ви е јасно дека одамна се случува најмногу, а веќе е најмалку случено?

-Мене ме интересира зошто е браната меѓу нас. Моите намери спрема Вас и во врска со Вас се чесни, пред сè длабоко почитувајќи ја Вашата слобода во односите со луѓе од спротивен пол.

Прочитај и за ... >>  Неколку збора

-Господине, Вие ми се додворувате со крајна цел да ме искористувате?

-Никако, драга Госпоѓо. Само сакам да сме блиски.

На пример, нему најмалку му се случило во досегашниот живот откако аргументирано си потврди на себеси дека е несомнено најголемо влијанието на независни надворешни фактори врз формирањето на личноста. Пред сè средината и околината. Во најголема мера зависноста од егзистенцијата наспоредно со самодокажувањето со личната амбиција.

Од најмалку слученото често изделува куса расправа меѓу опитни луѓе:

-Интересен е сè поголемиот јаз меѓу личниот, може да се нарече интимен свет и заедничкиот кој најрадо би го назначил како сурово стварен.

-Личниот односно интимниот свет е во најголема мера надреален за секој што подолго време престојува во заедничкиот односно сурово стварниот.

-Токму како надреален најмалку се случува. Јас би се осмелил да го спротивставам на заедничкиот односно сурово стварниот. Тоа е тој јаз…

-Се знае дека личниот или интимниот свет е многу повеќе алогичен, отколку заедничкиот. Всушност, во ниеден личен не треба да се бара никаква логика. За разлика од заедничкиот во кој се егзистира со цели. Затоа што е во најголема мера заумен.

Прочитај и за ... >>  Во далечина

-Творечкиот дух е најтворечки меѓу заумниот и стварниот свет. Како состојба на будност во сон.

-Апстрактен и конкретен.

-Не би рекол. Наспоредно надреален и реален како најмалку случени.

-Ова бара широка и темелна расправа. Сега немаме време, па да ја прекинеме. Да ја оставиме за другпат.

-Така е. Немаме време.

На пример, од сè помалку време за неизвесно случување:

Он смета дека времето е сè помалку за неизвесно случување со оглед на годините на стареење. Поготово кога е збор за многу години од една, и болешливоста од друга страна. Забележал луѓе кои на неизвесно случување реагираат со смешка. Не го разбирал тоа сè додека еден од нив не му докажал:

-На човек во долги години на стареење му отапуваат сите сетила. Поготово сетилата за болка и допир. Меѓутоа, ако се има предвид шестото сетило-интуицијата односно чувствителноста на енергија која е секогаш во хармонија со претходни искуства и надворешни сигнали, тогаш наместо неизвесно случување се јавува реакција на потсвесно ниво.

Неизмерна е моќта на интуицијата која го надминува судирот меѓу разумот и емоциите. Тоа е најдокажливо при донесување важни одлуки.  

Во долгите години на стареење човекот сè повеќе го слуша својот внатрешен глас.  

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 51

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.