Црна предизборна кампања

Потребно време за читање: < 1 минута

Зачудува дека некои учени и колумнисти не знаат што е тоа црна предизборна кампања! Ја изедначуваат со лажната, манипулативната, навредливата, вулгарната. За други, пак, таа е сето тоа, но пред сè националистичка. Притоа не разликувајќи ги „нивоата“ на изборите-локални, парламентарни или претседателски, односно „мешајќи ги“ содржините и формите на односните предизборни кампањи.

Имено, црната предизборна кампања е пред сè насочена кон личноста-кандидат и/или кон групата, заедницата, партијата што го кандидира. Таа според својата „природа“ е и лажна и манипулативна и навредлива и вулгарна, а целта ѝ е конкретната личност „како таква“ и нејзина што е можно поголема деградација. Доминантно се „занимава“ со нејзиниот личен живот, минат и сегашен, како и со нејзините „покажани и докажани“ недоследности, неспособности, некомпетентности. Ова особено кога станува збор за локални избори-избор на градоначалници.

Во предизборната кампања за локални избори, на сите учесници-кандидати и/или кандидати на групи, заедници, партии, нема ни збор за „вистинска“ црна кампања-атака на личноста, „разголувањето“ на нејзиниот приватен живот, нејзина што поголема деградација; ниту конкретно „соголување“ на нејзините недоследности, неспособности, некомпетентности. Без каков било обид за, на пример, нејзино исмевање-на нејзини постапки, однесувања во минатото и сегашноста, или на средината во која живее и дејствува (семејство, работен колектив, партија итн.).

Прочитај и за ... >>  Мал есеј за независното судство како предуслов за демократска правна држава

Она што е неприфатливо, а кај нас стана неизоставен „фолклор“, е „двојноста“ на кампањите: наспоредни кампањи на кандидати и на партии на позиција и во опозиција; истовремено во не мала мара нивна националистичка „обоеност“. Што, пак, од друга страна нема врска со црна кампања.

Главна карактеристика на предизборна кампања на локални избори би требала да биде индивидуалната „релација“ избирач (гласач)-кандидат. Конкретно: што кандидатот сторил или што ќе стори за поединецот личнио, а било или ќе биде доволно за да се добие глас односно доверба. Впрочем, во вистинска демократија „секој глас е важен“, нели?                 

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 107