Му требаше многу време за да прифати дека човек нема повеќе различни скали што му стојат на располагање за искачување, туку само една: скала на животот и смртта.
Имено, тој долго си докажуваше на себеси и им докажуваше на блиски дека човек постојано се искачува едновремено на скала на егзистенцијата, на материјалноста, на скала на кариерниот напредок, па на скала на духовноста, скала на творењето, на скала на љубовта…,Сè додека неговиот верен пријател Константин при прошетка во природа не му рече беспоговорно:
-Чуј, пријателе Стамен! Човек се раѓа и застанува на првото скалило на скалата на животот и смртта, па почнува да се искачува до својот последен издив, со зачекорување во бескрајните пространства на вечноста, исчезнувањето, невратот, паметењето или заборавот.
Стамен го прифати тоа, притоа забележувајќи дека празнината меѓу скалилата е различна, а различна е и нивната висина. Па некогаш е лесно, а почесто долго, тешко и мачно искачувањето на следното.
Константин се согласи, сугерирајќи дека е исто така многу важно помеѓу да има стојалишта за одмор и земање здив. Му укажа и на недозволивото и опасно по животот прескокнување на скалило, две, три, како и на непотребното забрзување или забавување на искачувањето.
Стамен сè почесто се сонува себеси како стои пред прво скалило на скала на ветромет.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 2