Обграден

Препев на пев и повев

Не се обгради сам
ами го обградија некои
од оние што мислат
дека за нив не е добро
да е со нив.

Го обградија во миг
кога сите собрани
во еден круг
се подготвуваа за скок
од брег на река
на брег на морска
и небесна шир.

Не криеја од него
колку се плашат
да не скокне пред нив
на брег на пресушена
каменита река
што се спушта
до дно на провалија
недогледна
во која никако
да продре светол зрак.

Обграден им се смее
громко
порачувајќи им
колку се немоќни
пред неговата
лична слобода.

А близу а далеку
од нив од него
скрвавен предел
што уште дише.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 44

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.