Слика со мртва природа         

Потребно време за читање: 2 минути

На една аукција на слики беше понудено платно со дименизии три на два метра, без рамка, на која беше насликана мртва природа со живи и впечатливи бои. Притоа, Јас или Тој и Тој или Јас доживеа нешто за првпат: понуди највисока цена за неа, а ја доби буквално без пари. Тоа е една од причините зошто таа нема видно место меѓу сликите во неговиот двоипол собен стан. Ја постави во ходникот, десно од влезната врата, спроти големото огледало.

Со неколку збора:

Мртвата природа на големата слика е со живи и впечатливи бои, всушност со основни и изведени бои на светлината измешани со мешани сликарски бои; од боите на светлината доминантни се црвената и зелената, од сликарските сината и жолтата, од спектарните белата, а од мешаните сликарски црната; во десниот долен агол е насликана црна фигура слична на човечка; мошне јасно, дури нападно се гледа белата боја добиена со мешање на трите основни спектарни-црвената, зелената и сината, како и дека црната е добиена со мешање на еднакви количини од основните пигментски бои-црвената, жолтата и сината.

Сликата е поделена хоризонтално на два еднакви дела, со портокалова боја добиена со мешање на сликарските црвена и жолта; над неа зелена со мешање на жолта и сина, а под неа виолетова со мешање на сликарските црвена и сина. Горната половина содржи нејасни контури на луѓе, животни и секакви секојдневни дребнавости, а долната секакви реско разграничени длабини и површности со црна и изведени бои на светлината-жолта со мешање на црвена и зелена и сино-зелена со мешање на зелена и сина.

На Јас или Тој и Тој или Јас му се присторува дека слушна прашање од авторот, некој си Спиро Кожурец потпишан одвај читливо под црната фигура слична на човечка во десниот долен агол на сликата (уметничко име?):

-Не згреши во прикажувањето на живите и впечатливи бои со кои ја насликав оваа моја мртва природа?

-Што знам…Можеби негде згрешив, но тоа е сосем неважно. И ако згрешив, тоа оди на твоја сметка како сликар-аматер…Сликава ти е прилично успешна. Затоа и на аукцијата понудив највисока цена, а ја добив од тебе буквално без пари.

Тој:

-Мој подарок поради почит.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Спрема мене како колекционер или како познавач на апстрактното сликарство?

Спиро Кожурец:

-И како таков и како таков. А прикажувањето на моите основни и изведени бои на светлината измешани со мешани сликарски бои…Ме стави во мисла…Додека сликам, за тоа воопшто не размислувам…Не знам…

Јас или Тој и Тој или Јас решително и самоуверено:

-Да се слика мртва природа со живи и впечатливи бои…Што е поентата?…Остави…Нема врска! Туку…Ти си жив?

Спиро Кожурец:

-Чекав да ме прашаш конечно…Не сум! Знаеш од кога? Откога го насликав големово платно со мртва природа. Отидов во неврат по твојата понуда, која за мене беше непојмливо висока цена и признавам дека ме израдува многу, а потоа јас ти ја подарив…За тебе сум уште жив, нели?

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 45