Со Стивен Хокинг досега сум имал само една средба, и тоа сосем случајна. Не знам зошто. Секако не поради некои различности меѓу нас, на пример во животните определби, интересирања, посветености; или на нашите просторни битисувања. Напротив, во сето тоа имаме, поточно наоѓаме заедничка нишка.
Оние што не познаваат подобро, и него и мене, без двоумење најпрвин го истакнуваат заедничкото интересирање за временитоста на времето. Во тој контекст малкумина знаат дека меѓу мене и Стивен Хокинг постои суштествена, но според мене безначајна разлика: мојот мислечко-творечки и неговиот научно-длабински пристап. Некои од нашите најблиски пријатели тврдат дека и во тоа имаме нешто заедничко- ведроста и духовитоста при обесмислување на прашања на кои не знаеме или не сакаме да одговориме. Јас, пак, радо признавам дека тој во тоа е многу поуспешен од мене.
Сакам да се знае дека ми е жал и криво, често си префрлам на себеси што досега со Хокинг сум се сретнал само еднаш. Еве, сега си ветувам во наредниот период да се среќаваме почесто.
На таа единствена средба многу малку зборувавме за космологоијата, црните дупки и нивното зрачење, за големи решени и нерешени проблеми од применетата математика. Можеби ќе дојдеа на ред и тие, ако не беа сериозна пречка неговата тешка здравствена состојба, целата вкочанетост и преумореност на телото, говорниот компјутер без кој не можеше, како и бавноста на зборовите односно големата временска празнина меѓу нив.
Не успеавме да го завршиме ниту нашиот би рекол неизбежен разговор за историјата на времето и меѓувремињата. Го запревме на одговори на прашањето за нивната обусловеност.
Стивен Хокинг:
-Многу е важна историјата на времето. Тврдам дека е таа суштествена за неговото постоење. Впрочем, како за се друго што постои во универзумот. Вклучително за црните дупки, нивното зрачење и нивните експлозии.
Јас:
-А јас предност им давам на меѓувремињата. Сметам дека од нив најмногу зависи континуитетот на животот воопшто. Да, и покрај твоето несогласување јас останувам на ставот дека нема едно, туку повеќе времиња. Меѓувремињата, пак, ја играат улогата на врзовни ткива. Значи, не постојат само минато, сегашно и идно време, туку и многу други, уште неименувани. Тоа истовремено значи дека е проблематично твоето учење за историјата на времето.
Тој:
-Ти премногу ги поедноставуваш нештата. Некогаш и недозволиво ја пренебрегнуваш квантната гравитација и теоријата на релативноста…
Му влегов во зборот и разговорот го свртев кон една тема на која обајцата со задоволство сме подготвени да го потрошиме сето наше слободно време: жените.
Јас:
-Од сите живи суштества во нашиов свет, мене, Стивене пријателе, најзагадочна ми е жената.
Стивен Хокинг:
-И за мене е исто. Таа за мене отсекогаш била, е и ќе остане најголема мистерија. Знаеш дека бев во брак со две прекрасни, со кои имам потомство. И покрај мојава неизлечива болест. Не ме прашувај како сме успеале.
Јас:
-Не те прашувам. Знам. Знаеш самиот. Неизмерна е силата на љубовта. Нема никакви пречки за неа.
Стивен:
-Грешиш, пријателе мој. Многу помалку љубовта од мистериите на жената. За повеќето од нив ни таа самата не е свесна. На пример, не е нејзиното оплодување со друг живот, самото зачнување, туку животот на плодот во нејзината утроба и папочната врвка.
Јас:
-За мене, пак, најзагадочни се нејзината неминлива убавина и стројноста на нејзиното тело. На ниедна со која сум бил во мојот досегашен и сегашен живот не сум успеал да и ги разгатнам тие. Дотолку повеќе што секоја жена е свесна за тоа. Дури способна да ги истакне кога сака да воспостави каква-годе врска со маж.
Можевме уште многу и долго да разговараме, па и да полемизираме за загадочноста на жената, но забележав дека бавноста на зборовите и празнината меѓу нив според мене беа веќе недозволиво големи, па му предложив да ги завршиме и темата и средбата. Се разбира, обврзувајќи се да се сретнеме што поскоро.
Стивен Хокинг се согласи, отпоздравувајќи ми со речиси незабележлива насмевка.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), ромн, 21