Кога некој ќе побара од него негово гледиште за што-годе, он вади од џеб лист преклопена хартија со испишани нафрлоци и му го дава да прочита. Секогаш со нагласка дека може да го задржи за себе, ако мисли дека тоа ќе му користи. Не пропушта да напомне и дека тие најсоодветно можат да се назначат како пролегомена, што значи дека најпрвин можат да користат како вовед во прашањето, темата, проблематиката. Може и како подготовка за влегување во промислување или продлабочена расправа.
На еден млад човек, кој му се обрати со „Многупочитуван“ и му побара негово гледиште за лакомоста, му даде лист преклопена хартија извинувајќи се:
-Извини, млад човеку, што немам време и сум посветен на создавање мое ново дело. Се надевам дека ќе ти помогнат моиве нафрлоци, а потоа ќе ти подарам и неколку мои испишани мисли за лакомоста.
Младиот човек му се заблагодари при разделбата, па седна на клупа на тротоар на Авенијата на великаните на човечката цивилизација, на чекор од мраморен споменик на нему непознат великан, и го отвори листот хартија. Прочита:
„Наместо лакомост, јас попрво би го користел терминот дрчност. Просто затоа што лакомоста мора да се третира со не мала доза на иронија.
Кога е збор за лакомството односно дрчноста, најнапред упатувам на приказната за фригискиот крал Мида кој добил „голем подарок“: сè што ќе допре да се претвори во злато. Тој го побарал тоа од Дионис за возврат дека му го донел жив и здрав неговиот учител Силен. Дионис му ја исполнил желбата, но во себе жалел што Мида не побарал нешто друго затоа што знаел дека со таквиот подарок жестоко се казнува себеси.
Имено, тој се вратил во својот дворец и организирал голема гозба, при која жестоку му се прикажало каква грешка направил: сета храна и пијалоци што ги допирал се претворале во злато. Значи, станал жртва на сопствената лакомост. Дотолку повеќе, жртви станувале и други, од најближни до најдалечни-неговите деца, неговата сопруга, други блиски и сакани. Со еден збор, сè живо претворал во мртво. Местото на животот го преземала смртта.
Мида ги пружил рацете кон небото и го повикал Дионис да се смилува; да си го земе својот подарок. Дионис се смилувал и му рекол на Мида да отиде на изворите на Пактол и во нив да ги измие своето тело и својот грев.Така Пактон станала златоносна река.
Библијата вели дека гревот на лакомоста не е дело, туку мисловен процес односно состојба на грешна човечка природа.
Прва придружничка на лакомоста ѝ е себичноста. Најочевиден пример е Јуда, кого лакомоста за грст сребреници го натерала да го направи своето злодело.
Воопшто не е тешко совреме да се препознаат лакомите луѓе. Тоа се оние што се однесуваат како животот да им зависи од тоа дали во сè ќе бидат први или не.
Лакомоста е неизмерна, а може да стане пеколна и несопирлив уништувач на животот“.
При нова средба со младиот човек, некој ден подоцна, он му даде друг лист преклопена хартија. Со напомена:
-Ова ти е подарок од мене. Неколку мои живи мисли кои можеби некогаш ќе ти помогнат. На пример, за да му се спротивставиш на лаком човек.
Младиот човек најде слободно време на самост, ги прочита и ги приклучи во својата збирка со мудрости и афоризми:
„На сиромавиот малку му е многу, а на лакомиот му е сè малку.
Слепота поради никогаш доволно.
Трупањето богатство предизвикува неказниво однесување.
Лакомиот не знае што е тоа излишност.
На лакомоста ѝ се придружени сите други негативни особини на човечката природа.
Во секој дар се крие присвојување.
Лакомоста најчесто се искажува со задоволство, страст и шкртост.
Лакомоста води до неизмерна сиромаштија.
Лакомоста не е човечка, туку нечовечка особина.
Лакокмоста знае да биде безмилосна и дрска.
Од глад за злато неизлечива лакомост.
И зло и злосторство од лакомост.
Лакомиот работи за себе на штета на други.
Лакомоста е жед за имање повеќе од други и никогаш доволно.
И менталната и физичката лакомост за последица ја имаат празнината, осаменоста и неподносливоста на други.
Лакомоста е бескрајна, безгранична и безвременска. Нема ни ронка задоволство ни во неа ни од неа.
Човекот мора да биде најголем непријател и на својата и на секоја туѓа лакомост.
Лакомоста се сведува на „Мое“ и „Твое“ и е против „Наше“.
Лаком човек не дава, а прима без благодарност.
Грабежливоста и ненаситноста ја уништуваат човечноста.
Нема противотров за отровот што се вика лакомост.
Лакомиот бесрамно подароци прима.
На лакомиот никогаш и ништо не му ни доста ни многу.
Кој за себе приграбува сè, ненадејно губи сè.
Не е единствена мака на лакомиот човек да трупа пари. Има уште една: како да ги потроши парите.
На лакомиот му требаат што повеќе робови и послушници.
На лакомиот му е секогаш подобро и поубаво она што го нема, а го има друг.
Огнот на лакомоста го гори долго лакомиот, за најпосле да го пеплоса.
Со доволност против лакомост.
Лакомиот на власт е од најлутите непријатели на народот.
Лакомиот е поган и пакосен.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 23