-Јас мислам дека секој секогаш треба да биде на свое место. На туѓо колку да сака, да настојува, колку да се труди не може да биде. Просто затоа што едно не би бил свој на свое, а друго и кога би му успеало да се најде на туѓо нема долго да остане, да издржи.
-Според тебе нема заедничко место, на кое барем некое време се или ќе бидат оние што се на свое, но туѓото им се чини подобро, поубаво, на кое мислат дека ќе им биде поудобно, покомотно?
-Според мене има заедничко, но на него не можат ако не се на свое место. Значи, ако не се свои. Тоа е суштествено.
-Што мислиш за туѓото?
-Треба да мислам?
-Те прашувам сериозно. Зарем човек во животот никогаш не се најдува на туѓо место, и тоа сметајќи го за свое барем извесно време?
-Прав човек може да се најдува извесно време, но ни да помисли дека може да биде негово. Во врска со тоа има само еден проблем: предолгото најдување на туѓо место. Се случува тоа. Од предолго на туѓо, истото да го засмета за свое, како отсекогаш да било негово. Се сродил со него.
-Јас мислам дека секој во својот животен, а особено во работниот век имал и има само едно место. Под сонцето.
-Се согласувам. Тоа е вистинското. Свое место под сонцето. Заслужено со дејствие или лично дело. Единствено, неприкосновено, непорекливо, препознатливо. И незагрозувачко од сечие туѓо.
-Кое е твоето место под сонцето?
-Како кое?!
-Не те прашувам какво, зашто сечие е различно од на сите, туку дали е соодветно.
-Соодветно е штом е мое. Творечко. За творец.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 16