Зраци меѓу призраци

Препев на пев и повев

Зраци стигаат од далечина
од некој извор
меѓу две мрачни длабини
што личи на оган во круг.

Како некој од којзнае каде
да испраќа повик за танц
без време безграничен
со кој ќе се смилуваат
богови и божици
конечно да почнат
да смислуваат божества
за ежедневно создавање
нов живот.

Зраци пробиваат мрачнина
во која безброј призраци
надошле од крајнини
на разурнат град на птици
бескрилни
и со скршени крилја
надевајќи се дека конечно
се ослободиле
од оковите на стварноста
испреплетена со заумност.

Зраци меѓу призраци
на самоти смислени
божества
за ежедневно создавање
нов живот.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 36

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.