Некои нестрпливи и некои што го следат упорно, надевајќи се дека скоро ќе дознаат што всушност се случило и всушност што му се случува на Јас или Тој и Тој или Јас, како да решиле да стават точка на нивното заедничко време; веќе да го немаат. Најпрвин за совреме да се соочат со смислата на неговите средби со мислечки и творечки личности во минатото и сегашноста на човечката цивилизација, а за да ги прифатат како дел од динамиката на сопственото постоење. Или, пак, да ги отфрлат случувањата затоа што не можат да ги вклопат во својот живот, во продолжението на сопственото битисување.
И на едни и на другите им одговара рамнодушно, како да му е сеедно:
„Сè што всушност се случило и всушност ми се случува, со иста валидност и моите кажувања за средбите со мислечки и творечки личности во минатото и сегашноста на човечката цивилизација, е за докажување. Не само мое, белки досега секому му е јасно дека во чие било кажување за докажување на што-годе. Имено, личното, во не мала мера длабоко интимното неизбежно се испреплетува со заедничкото, колективното; исто како стварниот и заумниот свет. На секој што не го оспорува безвременскиот континуитет на самосвесноста на човекот, на неговиот слободен и креативен дух. Сè до физичкото исчезнување. Ме разбирате?
За оние од вас кои внимателно ги следат моите кажувања за средбите со знајни и незнајни мислечки и творечки личности, а кои ги прифаќаат како дел од динамиката на сопственото постоење:
Може лесно да се забележи дека тие средби, расправите со тие личности се фокусирани на прашања, сознанија и согледби од различни области, како дел од филозофијата на животот, вредносниот систем втемелен на изградени критериуми. Притоа, животот како смрт, а смртта како живот, со акцент на животворноста.
За оние на кои им се поважни случувањата и се обидуваат да ги вклопат во својот живот како продолжение на сопственото битисување:
Ниедно од нив не е доминантно, по кого, околу кого или поради кого се случуваат останатите; како главно дејствие, окосница, со очекувана кулминација. Поради тоа со право структурата на кажувањето, јас повеќе би сакал да расправаме за одделни кажувања, се истовремено сами за себе и дел од една целост. Би можела да се дефинира како своевидна комплексна реминисценција која ги урива познатите и помалку познатите творечки стереотипи.
Сакам да речам дека и случувањата и средбите односно расправите не се за докажување на некоја нова романескна концепција, за мене таа е сосем ирелевантна, туку на соодветна форма и содржина без просторно-временски детерминанти.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 37