По многу години недоразбирања и конфликти, две соседски дувла решиле конечно да ископаат длабок јаз помеѓу себе. Толку длабок што да не можат ни нивни ни туѓи блиски и далечни потомци да го надминат; на пример со градење мостови.
Другите дувла околу нив се зачудиле, не можеле да си одговорат зошто, всушност што ги натерало на таков радикален чекор. Не можеле да си одговорат на прашањето како е можно по толку години соседство да не можат здраворазумски да престанат со недоразбирањата и конфликтите, пред сè во името на сопствениот опстанок.
Ги прекориле остро водачите на дувлата:
„Добро бре, дувла низаедни, зарем до толку изгубивте ум и разум, та се решивте на таков драстичен непријателски начин, со копање длабок јаз меѓу вас да ставите точка на сè? Да не сакате да негувате какво било соседство?“
Водачите им одговориле рамнодушно:
„Ги исцрпивме сите можности, од добронамерни идеи и планови до прикриени злонамери и интереси, па моравме токму со длабок јаз меѓу нас да го осигураме нашиот опстанок и нашите самобитности“.
Секој што слушнал или допрва ќе слушне за ваквиот еклатантен пример, на недобрососедско надминување на недоразбирања и конфлити, треба да има предвид дека станува збор за басна без наравоучение:
Длабокиот јаз бил неминовен бидејќи едното дувло било дивоживотинско односно на неприпитомени животни, поточно на грабливи и крволочни, а другото изродничко односно партиско-политикантско, поточно арамиско.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 52