Власт-Владеење

Потребно време за читање: 6 минути

-Морам да ти признам дека ми е мошне интересно твоето поврзување, па и обусловеност на власта и владеењето со објектот и субјектот. Претпоставувам дека ги имаш предвид како постулати во политиката и политичкото дејствување во државно-општествен контекст од една, а од друга страна филозофијата, правото, логиката, па и психологијата на личноста,-му вели Теодор Вишен на Максим Аргатоски, негов долгогодишен пријател и сопатник во многу патешествија низ светот.

Во последно време се среќаваат сè поретко, а одамна не биле заедно во ново патешествие. Тој е професор по математика во средно електротехничко училиште.

-Се разбира. Притоа, власта ја „врзувам“ најдиректно со човек, субјект, лице, личност, со затврдени права и должности, а владеењето со предмет, објект, градба, со изграденост или во изградба-му одговара тој самоуверено.

Вишен како за себе, како да ги проверува сопствените знаења и сознанија:

-Да, да, секако…Во филозофијата човекот како субјект со свест, волја и способност за конкретно дејствување, човекот како лице кое значи, кое е фактор, значи е активен во некаков процес; во слобода, со затврдени права и одговорности-а со власт над неа. Од друга страна владеење со објект или објекти, нешто изградено градба, што се гради…Јас, пак, власта во најголема мера би ја поврзал со слободата односно слободите на човекот, а владеењето со предмети и добра, во најголема мера со насочување на развојот на општеството и државата…Во секој случај, кога е збор за власта и владеењето јас го преферирам владеењето. Неприфатлива ми е власта како таква, пред сè над луѓе и со луѓе. Колку и да е демократска, прогресивна, конструктивна, таа на директен или индиректен начин ја засега слободата. Обично посега по неа, ја ограничува. Автархичната најпрвин неа ја укинува.

Максим Аргатоски со несигурност во гласот:

-Се обидувам да ја разберам за да ја прифатам или отфрлам релацијата политика-власт-владеење. Сè повеќе се убедувам дека партократијата нема да биде надмината, ќе биде неминовна сè додека политичките партии и политичарите постојат за да ја освојат власта, да се со неа или да бидат дел од неа…Власт над и со луѓето, со субјектите…Вистинската демократија во буквалната смисла на зборот започнува тогаш, кога политиката и политичарите ќе почнат да антиципираат, програмираат и насочуваат предмети и процеси, поврзувајќи ги во општ, заеднички, општествен и државен интерес. Кои, пак, одделно, целосно или делумно поврзани ги раководат, организираат и развиваат менаџерите…Се сеќаваш, тоа заедно го видовме и доживеавме во Сингапур…

Теодор Вишен му одговара со насмевка:

-Далеку сме ние од Сингапур…Со децении…

И сомничаво:

-Ти да не си наумил да влезеш во политиката, во политичка партија?…Да не си се амбицирал да станеш власт, да си дел од неа или макар близу од неа?

Додава со широка насмевка:

-Тоа би било мошне интересно, Максиме мој! Математичар, професор по математика политичар за власт!?

Максим потврдува сериозно:

-А зошто да не? Барем кај нас секој може да стане политичар и со време да биде власт, да е дел од неа или близу до неа…во коалиција со неа…Имало и има бројни примери…Ги знаеш…

Теодор зачудено, сериозно и по малку загрижено:

-Сериозен си?!…Да не си веќе зачленет во политичка партија? Можеби си со намисла да формираш своја?

Максим Аргатоски со решителен глас, како да става точка на нивната комуникација преку Вибер:

-Добро знаеш дека кај нас немало, нема и уште долго ќе нема сиромашен политичар на власт или што е близок до неа. А имало и ќе има кои биле пред да станат тоа, па дури прекуноќ се обогатиле…Не, не, сè уште не сум решил…Уште ќе размислувам.

Се префрлува на самостојното патешествие на Вишен:

-Да знаеш, многу ми е криво што не сум со тебе таму. Такво атрактивно, предизвикувачко, необично, далечно патешествие…Блазе си ти…Знам понешто за Филипините, но се разбира дека е друго да бидеш таму некое време…Цела Азија, не само Југоисточната за нас е малку позната, за повеќето од нас сосем непозната.

Теодор Вишен:

-Едно е да знаеш, а сосем друго да доживееш…Јас сум само уште утре во Илиган. Потоа се враќам во Манила. Илиган се наоѓа во регионот на Северен Минданао и има околу триста и шеесет илјади жители. Оддалечен е приближно 90 километри од главниот град на провинцијата Тубод и приближно 800 километри од Манила. Тој е еден од десетте најголеми градови на Филипините кога е збор за површината, но и трет најмал според густината на населението.

Сега само она што го разбрав за името: Илиган иде од зборот Хигаунон, а значи „да се оди низводно“. Се користи и името Илијан, што значи „тврдина на одбраната“.

Знам дека знаеш за Филипините. Си прочитал на Интернет: архипелаг во Југоисточна Азија, во Тихиот Океан, во близина на еквадорот, со седум илјади шестотини четириесет и еден остров.  Има околу сто и петнаесет милиони жители. Три главни групи: Лусон, Висај и Минданао. Главен град Манила, а најголем Кесон.

Можеби не знаеш: од сите острови населени се само две илјади, а има повеќе вулкани одошто градови; службени јазици се филипинскиот и англискиот, но се разликуваат дури сто и седумдесет различни дијалекти; населението е претежно христијанско-католичко; најголем хит им е караокето; имаат „опуштен“ став за времето, постои израз „филипинско време“-наклоност спрема доцнење; имаат необични животни, како што се тарсиерот, еден од најмалите примати на светот, со големи очи; најпопуларни превозни средства им се легендарните џипнеи-стари прилагодени воени џипови кои американската војска ги оставила таму по Втората светска војна.

Ај доста сега. Ќе ти раскажувам кога ќе се вратам.

Да не заборавам. Во мојата „Жива мисла“ имам доста запишани мисли за власта и владеењето. Прочитај ги, може некоја да ти помогне. Поздрав.

Максим Аргатоски стана, ја отвори витрината со книги, го зеде делото на Теодор Вишен и под столната лабма, на столчето до влезната врата на дневната соба, го отвори поглавјето „Власт-Владеење“:

Секој на власт треба да владее за народ и заедно со него.

Овци без овчар и овчарски кучиња им се предадени на волци.

Владеењето најнапред значи одговорност, а потоа сè друго за добро.

Секоја нова власт треба да биде подобра од претходната.

Народот будно следи како владее актуелната власт, и тоа секогаш во споредба со владеењето на претходната. Без оглед во какво државно уредување живее и на кое ниво е неговиот општествен живот.

Владееш со состојби и процеси за да ги подобруваш квалитетно и да ги надградуваш континуирано.

Да владееш, тоа значи мудро и напредно да управуваш за на човекот да му биде добро и да му ја одржува надежта дека може подобро.

Не е тешко да владееш со состојби, процеси и движеа, но само доколку знаеш да владееш со себеси.

Научи дека законот важи еднакво за сите и за тебе, и кога си кога не си на власт.

Мудрите не дозволуваат да им биде одземена ни јота од нивната слобода.

Не е точно дека секој народ има власт каква што заслужува. Освен кога му е натурена и платеничка, за да исполни некоја подла намера против него.

Владеењето со луѓе не носи ништо добро.

Во држава и општество со слободи, права и одговорности власта и народот што ја избрал се еднакви пред законите. Без нив властодршците се над народот и се богатат со народни пари.

Срамно е да владееш со животи на од тебе потчинети и обезличени.  

Политичарите се и непосредно и посредно поврзани со власта, владеењето и владетелите. Позиционо или опозиционерски.

Страховладејачите мислат и дејствуваат како да ќе бидат тоа до смрт. И ќе бидат славени од поколенијата по нив.

Водач на народ мора да е препознаен и избран од него.

Со луѓе за луѓе и пред луѓе.

Богатник владее со колку понижен, толку понизен сиромав.

Оној во чии раце власта била долго, не знае, ниту може да биде опозиција.

Кој насилно ја освоил власта, го држи народот заробен и потчинет.

Влада зависна од народот успешно се контролира, но не долго ако не ги брани од неа сопствените интереси.

Може без власт кај што нема потреба од неа. Затоа што нема луѓе над луѓе, а има создавање и градење вредности за луѓе.

Власт која ја ограничува слободата на човекот најмногу се плаши од докажани вистини.

Кога го повикуваш народот да тргне напред на чело со тебе, во исто време покажи му го правецот.

Колку и да учиш да владееш, никогаш не научуваш да владееш сам.

Саможртвата на оние на власт мора секогаш да биде поголема од жртвата.

Со сила не се владее туку со право, правда и доверба.

Ефикасна власт:
Прво договарање, после реализација на договореното истовремено со наредба.

Ако може со добро, нема зошто наредување-извршување.

Не се зауздува бесен коњ без узди.

Страховладее владетел кој се плаши од народот со кој владее.

Вреди власт која ги препознава, ги почитува и ги наградува луѓето што вредат.

Власт владее со народ затоа што тоа го дозволува народот.

Народна власт е избрана од народ за да гради за  негово денес и утре.

Оној што владее со себе, не си дозволува да владее спротивно на интересите на оние што го избрале да владее.

Човечност при управување и раководење, а не при владеење.

Внимавај што ветуваш за да те изберат. Заборавените ветувања народот никогаш не ги заборава.  

Натурената платеничка власт народот ја замразува и жестоко ја казнува штом ќе го открие предавството за кое е платена.

Не можеш да владееш со луѓе самосвесни и самобитни.

Власта владее и внимава еднакво на оние што се против неа и оние што ѝ се подлизуваат.

Асолна власт не треба да се плаши од умни луѓе и слободно говорење на вистина.

Говеда доброволно во јарем подобни за покорна власт.

Владетелот треба да владее заедно со мудри.

Добар владетел за сиромашни, лош за богатници.

Политичарот игра послушна игра чии правила не ги познава. Во интерес на други и во корист на сопствената штета.

Прав предводник на партија не е желен за власт.  

Политичар се бори за власт оти мисли дека знае како со оние што не знаат.

Владетел опкружен со ласакавци, недоветни и глупави е достоен за сожалување.

Владетел кој урива ниту знае, ниту умее да гради.

Политичар на власт многу зборува а малку кажува, повеќе наслушнува отколку што слуша и не мисли пред да реши.

Не е демократија можност на граѓаните да избираат, туку да управуваат и раководат избрани од нив.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 19