На маргините од пронајденото време

Потребно време за читање: 4 минути

Потрагата по изгубеното време, за која Пруст мошне интензивно и брзо го потроши своето животворно, како авантура на духот, како рамнодушно патување кон смртта, завршува со затворањето на едно дело или цело творештво.

Оние што не успеале да го остават отворено и денес не ги оставаат во вечниот спокој или заборав. Или некој ќе најде некоја животна трага од нив, епизода, непознат миг, или, пак, ќе открие некој непознат, „навреме” затворен односно недовршен, скриен ракопис, од кој малку што може да се открие. Има и трето: нивни наследници да бараат нешто што има само посредна врска со нив.

Примери: Марк Твен, Виктор Иго и Џорџ Орвел

Пронајдено ново прозно дело на Марк Твен

Една година пред прославата на 100- тата годишнина од смртта, во 2008., кон Марк Твен се сврте светското медиумско внимание, а што и порано често се случувало.

Неговата стара, а сепак „нова”, никогаш објавена кратка проза со наслов „Приказна на гробарот”, се појави во „The Strand Magazin”.

Пред 13 години, во 1995., одекна веста за ново, тогаш означено како „сеопфатно” издание на романите за Хаклбери Фин. Потоа во 2003. Шели Фишер Фишкин ја објави неговата комедија „Дали е тој мртов?”. Никогаш порано не е видена во печатена форма или на сцена, за во 2007. успешно да дебитира на Бродвеј.

Многумина се прашуваат од каде малку по малку доаѓа сиот тој материјал? Главно од неговата богата оставнина во Беркли. Во Беркли се собрани купишта необјавен материјал, а тоа значи дека не е неможно пак да се појави сеопфатно издание на дело на Марк Твен.

Некои се прашуваат и од каде толкава опседнатост, пред сѐ на Пет Месент, професор на Универзитетот во Нотингем, со писателот со чии книги се воспитани милиони читатели-да се занимава повеќе од десетина години и ден-денес да го смета за мошне духовит, всушност американски Оскар Вајлд, но и поголем демократ кој со обете нозе е цврсто на земја. Очигледно е дека неговиот тешко достижен црн хумор, понекогаш речиси призрачен и пророчки, не изгубил во цел еден век ништо од острината и затоа никому не му пречи што воскреснува одвреме-навреме;

Одбиено барање на наследниците на Иго

По цели 8 години францускиот суд заврши маратонското судење, започнато во септември 2001., а чии актери беа наследниците на славниот француски писател Виктор Иго и една издавачка куќа. Тие барале отштета откако куќата „Плон” објави две книги како продолжение на прочуените „Клетници”. Беа одбиени во Апелациониот суд во Париз.

Со поддршка на Здружението на писатели, Пјер Иго, пра-правнук на славниот писател, покрена судски процес против спомнатата куќа. Според неговата оценка, книгите „Козета или време на илузии” и „Мариус или бегалец”, чиј автор е Франсоа Сереза, го искривуваат делото на неговиот предок. Главната забелешка на Пјер Иго се однесуваше на повторното појавување, во првата книга, на инспекторот Жавер кој во Игоовите „Клетници” умира. Заколнатиот непријател на Жан Валжан во Игоовото дело кај Сереза станува посмирен, поблаг и речиси пријатен лик.

Апелациониот суд во Париз ја осуди во март 2004. издавачката куќа „Плон” симболично да им исплати едно евро отштета на Игоовите наследници, како и на Здружението на писателите. „Плон” тогаш му се обрати на Касациониот суд. Три години подоцна највисоката судска инстанца му дала за право на издавачот и ја поништила претходно донесената пресуда. Таа му наложила на Апелациониот суд во Париз повторно да го проучи случајот и да обрне внимание на „евентуална повреда на моралното право на авторот”. Имено, како што наведе Касациониот суд, Апелациониот не можел да пресуди оти пишувањето на продолженијата на „Клетници” претставува нарушување на моралното право на Виктор Иго.

За да ги санкционира делата што ги објавила куќата „Плон”, Апелациониот суд морал да ја проучи нивната содржина. Откако го сторил тоа, пресудил дека авторот Франсоа Сереза не го повредил делото на Иго.

„Книгите ќе може да бидат објавувани и натаму, тоа е голема победа за нас”, изјавил адвокатот кој го застапувал издавачот;

Нобеловец одбил да ја објави Орвеловата „Животинска фарма”

Славното дело на Џорџ Орвел „Животинска фарма”, алегоричен приказ на сталинизмот, имало трнлив пат до објавувањето.

Откако во 1944. книгата е одбиена кај Орвеловиот постојан издавач „Голанч”, писателот ракописот ѝ го понудил на издавачката куќа „Фабер енд фабер”, во која уредник бил неговиот пријател Томас Стернс Елиот, славниот поет и подоцнежен добитник на Нобеловата награда за книжевност.

Т.С. Елиот одбил да ја објави „Животинска фарма”, а неговите причини детално се објаснети во документите кои 82-годишната Валери Елиот, вдовицата на поетот, му ги стави на располагање на Би-Би-Си за снимање на документарен филм за Елиот.

Одамна се знаеше дека Елиот, иако го пофалил Орвел поради „доброто пишување” и „темелниот интегритет”, тој краток роман го одбил зашто го сметал за „премногу троцкистички”, но во меѓувреме е откриено и дека заплетот според него бил „неубедлив”:

„Не сме убедени дека е тоа правилна точка на гледиште од која би требало во овој момент да се критикува политичката ситуација. Мислам дека тоа е воопшто троцкизам, и не е убедливо”.

Во новите документи беше откриено дека на Елиот му пречело и тоа што свињите се толку големи негативци:

„Твоите свињи се далеку поинтелигентни од другите животни, и поради тоа се најквалификувани да управуваат со фармата-всушност Животинската фарма не би можела ниту да биде без нив, па она што ни треба (би можел да каже некој) веќе не е комунизам, туку повеќе свињи со јавен дух”.

Додека Сталин сѐ уште бил сојузник во борбата против нацизмот, било незгодно да се критикуваат ужасите на сталинизмот, кои заколнатиот левичар и социјалист Орвел ги запознал уште во Шпанија, каде што како доброволец се борел во интербригадите во Граѓанската војна и присуствувал на грубата пресметка на НКВД со анархистичките полиции во Барцелона. Неговата алегориска книга ја одбиле уште три издавачи (од кои еден прво го прифатил романот, па подоцна го одбил поради интервенција на британското Министерство за информирање; подоцна се утврдило дека службеникот на минситерството кој интервенирал бил советски агент).

Но на крајот, во 1945. година, „Животинска фарма“ ја отпечатил издавачот „Сакер енд Варбург“ и книгата станала толку голем бестселер што на сиромавиот Орвел му овозможила полагоден живот барем во последните 5 години (умрел во 1950. од туберкулоза). Благодарение на приходите од „Фарма“, можел на мира да го пишува своето уште попознато дело „1984“.

 

Leave the first comment