Потребно време за читање: < 1 минута

73. Гушка

Гушна ветер што запирка
по негов длабок издив
по изгрејсонце кое буден
го дочека по пробдеано
ниедно доба.

Го гушна него ветрот
колку да му ја олесни
мислата дека
пустошијава незапирно
се шири на сите страни
едновремено соголува
негов прв и последен
корен на постоење.

Останаа така гушнати
долго
он благодарен на ветрот
што го одложи дувањето
силно
бришењето на сите негови
траги
а он дека он е човек.

Пред зајдисонце
се поздравија срдечно
и се разделија во тага.

74. Ѕевзда во песок

Нацрта во песок ѕвезда
како падната од небо
сјајна ведра спокојна
каков што е он во време
кое не сака да го дели
на негово минато
и сегашност што трае.

Се загледаа во себе
како живи радосни
дека можат да споделат
уште една игра нивна
безгрижна бесцелна
неповторлива.

Ја заиграа ја изиграа
па со игриви срца
се разделија.

Она им се придружи
на ѕвездите на небо
а он во песокот нацрта
домашно огниште.

75. Планина среде пустошија

Мора да стаса до планинана
пред него
без оглед дали е таа
граница на пустошијава
или зад неа таа продолжува
да биде што е.

Секако ќе стаса дури е ден
можеби негов последен
па ќе подише во нејзиното
подножје
ќе прибере сила
па ќе ја искачи
до под врвот нејзин
највисок
на кој веќе неколку ноќи
сони жив кладенец
само за него.

Да знае дека планинана
пред него
е среде пустошијава
значи продолжува иста
за неа.

Само кога би знаел.    

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Замислувања, поетска студија