Глупост

-Кажи некоја глупост.

-Животот е убав.

-Тоа не е глупост, туку тврдење кое може да се потврди или оспори.

-Човекот живее за да умре.

-И тоа не е глупост, туку вистина. Секој човек на умирање живее за да умре. Може да знае до кога, но поначесто не знае.

-Ништо без пари.

-Тоа може да се прифати како делумна глупост. Кажи целосна, докажана како таква.

-Сè е минливо. Нема ништо трајно.

-Тамам помислив дека почна да напредуваш, а ти пак сметаш дека е глупост нешто што предизвикува расправа и гледиште. Зарем не знаеш што е тоа глупост?

-Како не знам…Знаеш некој што не знае? Некој што не кажува или не прави макар една глупост во едно деноноќие?

-Па, затоа што нема барам да кажеш една.

-Љубов од интерес.

-Е тоа…

-Чекај малку…Знаеш дека немало, ниту може да има на светов јаки и слаби?

-Како нема? Може да немало, но ќе има секогаш. Нема ни напред ни назад, а не се стои ни во место без јаки и слаби. Тоа е ноторна глупост.

Прочитај и за ... >>  Убавината

-Е.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 15

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.