Партиски кокошарник

Потребно време за читање: 3 минути

Во еден селски партиски кокошарник дошло време за избор на петел предводник, по градски лидер. Се качил на буниште досегашниот и сегашен, па им се обратил на кокошките и несилките:

-Драги мои нежни половини, партиски членки и приврзанички на нашата селска кокошарничка партија, мислам дека ви е мошне добро позната мојата активност како ваш предводник, по градски лидер, односно мојот партиски придонес во развојот на нашиов кокошарник, со акцент на несилките и нивното несење јајца. Исто така ви е добро познато дека ми нема рамен, односно немам конкуренција. Може да се најде понекој млад и недозреан петел, кому уште не му дошол редот да отиде во туѓина јабана, но тој акцентот на својата активност и својот придонес го става на младите кокошки. Од друга страна, како што ви е на сите добро познато, од вас, мили наши кокошки и коковчиња, ни кокошарников ни нашите стратешки партнери односно газди немаат голем аир. Па сте си мирни сè додека не ви дојде редот за под нож.

Се јавила за збор најпознатата несилка, со нескиени предводнички, по градски лидерски амбиции:

-Драги мои колешки несилки и млади и подостарени кокошки, не му верувајте ни збор на нашиов досегашен петел предводник, по градски лидер! Доста ни е од него. Тој е најголем виновник што од ден на ден имаме сè помалку млади петли, а него и неколкуте околу него сè помалку ги бидува за скокање на нас односно за онадување. Па како што ви е добро познато, ние несилките сè подолго стоиме во ред за да дојдеме кај нив на ред. Што, пак, е главна причина за нашето недоволно несење јајце од една, а од друга страна за сè поголемото незадоволство од нас на стратешките партнери односно газди на кокошарников.

Јас решив да се пријавам за предводничка, по градски лидерка на нашата кокошарничка партија, а вие не треба да имате никаква дилема за кого да гласате. Затоа што е време ние кокошките и несилките како нежни половини да ја земеме судбината во свои раце и да им докажеме на сите, поготово на петлите дека сме кадарни да се носиме со проблемите и да ги решаваме, па дури и дека можеме да опстанеме без нив.

Во тој момент кокошките и несилките почнале да кокодакаат во еден глас:

-А што ни ветуваш ти, драга наша несилке? Кое ти е решението против модернизацијата, конкретно роботизацијата на кокошарников и примената на вештачката интелигенција, а кои несомено го загрозуваат нашиот опстанок? Од друга страна, како мислиш да ја зголемиш продуктивноста, особено на несилките во врска со бројот на јајцата, за нашите стратешки партнери односно газди да бидат задоволени?

Несилката кандидатка за предводничка, по градски лидерка на кокошарничката партија како да ги очекувала поставените прашања, па одговорила како од пушка:

-Едноставно, ќе прифатиме делумна модернизација односно роботизација и примена на вештачката интелигенција, и тоа само на планот на продуктивноста. Мораме да го решиме под итно веќе хроничниот проблем на недостиг на петли, пред сè млади и зрели кои ќе скокаат на несилките без тие да чекаат на ред., Што автоматски ќе значи зголемување ем на бројот на несилки ем на бројот на јајца во едно деноноќие. Нашите стратешки партнери односно газди веќе имаат на располагање соодветни машини наречени роботизирани петли, како и соодветна контрола на онадување и несење со сесрдна помош на вештачката интелигенција.

Што се однесува, пак, на нашите петли, тие воопшто не треба да се секираат. Ќе станат ексклузивни онадувачи, а од нивното ексклузивно онадување ние несилките ќе несеме оригинал селски јајца. Кои, како што ни е на сите нам добро познато, се сè повеќе барани на пазарот.

На петелот досегашен предводник, по градски лидер, му станало јасно дека му дошол крајот како таков, расположението во кокошарникот комплетно се свртело кон конкурентската несилка, па слегол од буништето и решил сè поретко да им кукурига на кокошките рано насабајле. Згора на тоа, и нему, впрочем како на сите други петли, му се допаднала идејата за нивно ексклузивно онадување, како предуслов за несење оригинал селски јајца.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 48