Земен и надземен

Потребно време за читање: < 1 минута

Не би бил град на птици
ако не е земен и надземен
граден во многу години,
и во различни годишни доба.

Не би бил тоа ни ако
земските живеалишта
не беа соградени во планини,
во длабоки и мрачни пештери,
еднакво на врвови кои никој
ни во сон не се искачил.

Не би бил тоа ни ако не беа
надземните живеалишта
градени дење од сончевина,
бели, црни и модри облаци,
ноќе од рој сјајни ѕвезди
и полна месечина,
меѓу ден и ноќ од непрестан
пој неблагозвучен,
како да е собиран и научен
без спокој и сни.

Земен и надземен град на птици
од пролет до рана есен преполн,
што да не може да се најде
место ни за ново гнездо,
а од зима до доцна пролет
потонат во безлична тишина
како мртва.

Во процепот низ кој се влегува,
се влетува во него,
и се излегува, се одлетува од него
некој непознат творец напишал
со сè уште неоткриени
знаци, слики и слова:

„Човеку, не влегувај во градов
земен и надземен сè додека
не се престориш во птица,
не се раскрилиш од живот до смрт
и не научиш да леташ
на земја и над земја“.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 28