Знаци или писмо

Потребно време за читање: < 1 минута

Допрва ќе се открива и истражува
секако со векови
што он во пустошијава
му остава за навек на потомството
за кое не знае дали ќе биде
кое не го познава и може нема
никогаш да слушне за него.

Му остава ли знаци или писмо
или едно со друго можеби
за доречување и допишување.

На влезот на неговата пештера
врежа огнена птица
раскрилена во лет
во нејзиниот светол агол
нацрта своја сенка што гори тивко
а во темниот букви
несомнено писмо
несомнено со порака
за исчитување и одгатнување.

На пештерското дно
крај бистар извор што дише
заедно со него
чие срце чука заедно со неговото
кој ги успокојува
неговите и нејзините соништа
го остави живо своето лице
изделкано со негова коска
а крај него смрт што се смее.

На потомството му остава
знаци и писмо
за доречување и допишување.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 70