Едни денови и ноќи

Цели денови и ноќи
едни
во кои не се случува
ништо
ниту му се случува
нешто
што е за паметење
барем меѓу нив
да се случи што било.

Не е во прашање сивило
или настани без смисла
состојби без содржина
а не е ни празнотија
која во него навлегла
та  не го остава да дише
камо ли да збори
макар сам со себе.

Едни денови и ноќи
цели
во кои он стои или седи
може да лежи на земја
без да мисли што-годе
или да гледа во сонце
во ѕвезди во месечина
замислувајќи
како станува крилат
и дење лета на небото
ту високо ту при земја
па како станува вител
среде кој се само он
и гласови на ближни
што се дамна мртви.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 69

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.