Наслушнат разговор меѓу средовечни маж и жена. Седнати во пладневен час на клупа во парк, крај езерце.
Писателот на раскази седнат на соседна клупа, доволно близу за да наслушнува, а како да не слуша. Отворил книга в раце, божем е задлабочен во читање. Забележлива му е загледаноста на обајцата пред себеси, во некои свои далечини.
Вниманието и наслушнувањето му го привлекоа зборовите „таена љубов“.
Писателот на раскази дома на својот компјутер го отвори фолдерот „Дијалози на непознати“ и токму под тој наслов го запиша, без никакви свои додавки или скратувања:
„Таа:
-Не постои таена љубов. И нашава не била, ниту е.
Тој:
-Нашата беше и уште е за моите и твоите. Јас и натаму верувам дека постои. Дури таена меѓу вљубени.
Таа:
-Само мислиме, се надеваме дека нашата беше и е. А според мене, не е возможна љубов меѓу двајца таена еден од друг. Особено не долго време… Напросто не може ни да почне.
Тој:
-Нашава беше долго таква. Додека не се решив да ти ја откријам. Мислам дека е уште таена за нашите ближни.
Таа:
-Ти веруваш дека твојата за мене беше таква? Не ја чувствував? Не ја откривав во твоето однесување и држење?
Тој:
-Тоа не го знаев и не го знам. Важно јас ја таев…Сега знам за една друга…Добро, слична…И тоа таена од обајцата. Значи, и меѓусебно и од нивните ближни.
Таа:
-Како може да е таена кога ти знаеш за неа?!
Тој:
-Добро, нека не е според тебе, но само јас знам за неа. До ден-денес не си ја откриваат еден на друг.
Таа:
-Не разбирам зошто!
Тој:
-Обајцата се плашат дека ќе им престане ако ја откријат.
Таа:
-Како тоа?! Зошто да им престане?
Тој:
-Не сум ги прашал, но мислам затоа што живеат во различни светови“.
Писателот напиша забелешка:
Треба да раскажам два различни интимни света.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 31