Жабурнак

Потребно време за читање: 2 минути

Во еден жабурнак ненадејно закрекале жабите толку силно и еднокракно, што за малку не ги оглувело не само жабите во другите жабурнаци во околината, туку и сè живо питомо и диво надвор од нив.

Оние од луѓето што го знаеле или колку-толку го разбирале жабешкиот јазик, инаку мошне сложен особено според интензитетот на крекањето, отишле кај водачите на своите партии на власт и во опозиција да ги информираат дека состојбата во односниот жабурнак е мошне сериозна, во не мала мера и алармантна.

Им рекле вознемирени, во не мала мера испоплашени:

-Многупочитувани наши партиски предводници на власт и во опозиција, состојбата во жабурнакот е мошне сериозна. Да не речеме, а ќе речеме дека е и сè поалармантна. На жабите во него сè им дошло прекуглава, па крекаат заглучувашки, би рекле заканувачки. Ние што го знаеме или колку-толку го разбираме жабешкиот јазик чувме и разбравме дека станува збор за нивно последно предупредување: ако веднаш не преземеме конкретни радикални чекори во правец на подобрување на нивниот живот во жабурнакот, тие ќе излезат од него, ќе го напуштат и сите топтан ќе се преселат негде далеку, во некој жабурнак ем комотен ем со повисок животен стандард. Тие знаат колку ни се важни нам како природни инсектициди, бидејќи јадат секакви инсекти штетни за животната средина и нашето здравје, а знаат и оти веќе толку се навикнавме на деликатесни јадења со жабји батачиња, пржени, крцкави и зачинети со лук, што на тој план станавме поголеми Французи од Французите. Се закануваат оти сите до една ќе се иселат што подалеку од нас, во некој странски жабурнак, па тешко нам и на нашите потомци.

Партиските предводници на власт и во опозиција ги ислушале внимателнио, сериозно и загрижено, па им одговориле спокојно односно смирувачки:

-Дами и Господа, наши партијци и симпатизери, верни гласачи на сите избори за власт, ние заедно веќе го разгледавме проблемот со крекањето на жабите во нашиот жабурнак и заклучивме дека воопшто не станува збор за проблем. Напротив, заканата на жабите дека скоро ќе го напуштат, бидејќи општата ситуација од една, а од друга состојбите од ден на ден за нив стануваат сè полоши, треба да сториме сè за да ја остварат. Решивме дури максимално да им помогнеме. Под итно ќе го исушиме жабурнакот, па на тој простор ќе им овозможиме на нашите урбани мафијаши да изградат нова урбана населба.

Партијците и симпатизерите се замислиле, многу не им се допаднала идејата за исушување на жабурнакот и изградба на нова урбана населба, особено затоа што урбаната мафија веќе претера со мафијашката изградба во секој поглед, но премолчиле поради верност спрема партиите и партиско-клиентелистичките врски. Само потпрашале:

-В ред, наши партиски предводници на власт и во опозиција, но сте размислиле ли што ќе правиме со инсектите без жабите? Од жабјите батачиња ќе се откажеме некако, од секоја навика има одвика, но инсектите кои ни го штитат нашето земјоделство и јавното здравје?

Главниот меѓу предводнциите на партијата на власт-премиерот им одговорил со смирувачки тон:

-Тоа не е никаков проблем. Како во многу други борби против секакви штетници и непријатели, ќе користиме многу повеќе хемикалии. Впрочем, добро е познато дека нашиов современо-модерен живот веќе не можеме ни да го замислиме, а камо ли да го живее како таков без хемија.    

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 43