Поразување на тишина

Потребно време за читање: < 1 минута

Од далеку сè поблиску звуци познати и непознати, слушани и неслушнати, целни и бесцелни. Се прашува маж искачен на стена, на врв на рид над град, да не треба да се подготви за борба со нив или, пак, за да им се прилагодува.

Засега тешко разликува едни од други, тешко ги распознава, сите му се некако еднолични. Дали е така поради тишината која го опфатила? Е или не е, тој нејзе ѝ придава најголема улога сега и ќе им придава во наредните мигови. Уште колку мига до нивна подносливост, до самоти неиздржливост? Да не треба да слезе од врвот, на ридот над градот, дури има време меѓу нив и него?

Од далеку сè поблиску гласови познати и непознати, слушани и неслушнати, целни и бесцелни. Се прашува жена на која штотуку ѝ згаснала жива љубов. Да не треба слухот да го подготви за борба со нив или, пак, за да им се прилагодува?

Едни далечни и сè поблиски гласови препознава, ги распознава како на блиски со кои до пред некој миг споделувала нешто во животот. Други блиски, речиси пред неа, на кои сè полесно им ги изделува вокалите од глаголите, сврзниците од множините. Да не треба да оживее или заживее нова љубов меѓу нив и неа?

Маж и жена заедно слушаат звуци и гласови кои ја поразуваат нивната заедничка тишина.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 78