Он порачува

Препев на пев и повев

Стои во центар,
гледа пред себе,
гледа околу себе,
па крева поглед
кон ведро небо.

Стои во центар
на гробна тишина.

Толпата доволно
далеку
гледа молчешкум
во него
со отворени очи,
дел со затворени;
очевидно очекува
некоја состојба
нова
на творечки дух.

„Почни конечно
 ново дело,
творецу!“,
извикува некој
непознат, како
од друг свет да е.

Стои во центар
веќе долго време;
со строг поглед
го бара викачот,
но ниту го најдува,
ниту го препознава.

Качен е, исправен
на пиедестал,
осветлен
од сон што зрачи.

Он порачува
никој да не се двои,
ниту да помисли
да тргне сам
по свој трнлив пат.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 17

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.