Во сон со сон

Препев на пев и повев

Да влезеш, да поживееш
во свој или нечиј сон
со сон,
тоа е како да не си сам
меѓу луѓе кои се сноваат
во ден што е ноќ;
затоа што не се наоѓаат
себеси
како докажани битија
самобитни.

Да, да, непожелно е
и е мошне непријатно
да се влезе, да се поживее
во сон со сон,
особено ако насекаде
се соништа во кои никако
не може да се опстане
идентитетски, надежно
и безусловно слободно.

Може човек да се обиде,
но секогаш секако
со некакви последици
по здравјето,
по вкоренувањето,
по осмислувањето
на сопственото постоење.

Во сон со сон секој може
случајно или намерно
да влезе, да поживее,
па по многу векови некој
упорит, занесеник
да ги открие
од под земја до над земја
неговите коски,
може и цел скелет жив
како мртов,
весел како да се родил
штотуку,
за сетне да се собуди
и мигум да се заборави.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 14

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.