Кавгата

Потребно време за читање: < 1 минута

Има причина за секаква кавга и за секоја со кого било? Нема. Но, има за секој што ја почнува и ја тера, притоа без ни помисла да ја запре. И секоја има крај? Кој крај? Каков? Ако се тера докрај, тогаш нема смирување, нема надминување на причината, нема ни обид за разбирачка.

Не може да се повратат смирувањето, помирувањето, разбирањето и враќањето на собеседништвото, зошто да не и сопатништвото и споделувањето? Се разбира дека може. Да, првин треба волја, а потоа изнаоѓање начин како тоа да се направи без последици за никого. Или барем со што помали тежина и длабина и со горе-долу блиски, слични или еднакви.

Има луѓе на кои природата просто им го натурила кавгаџиството. Просто не можат без него. Се караат и буквално за ништо. Скраја од таквите, ако не можеш да ги потсмириш.

Сакам да расправам со секој што има свое мислење, свој став, свои аргументи. Да расправам, не да се расправам. Да, сум за расправа, а никако не сум за расправија. Поготово не ако може таа лесно да се престори во ѓурултија. Никако не дозволувам кој било да ме вовлече во неа. 

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 162