Почитување-Самопочитување-Признание-Признателност-Заслуга-Фалба-Самофалба

Тивки клокоти

Почитувањето без самопочитување не вреди ни колку за миг лично достоинство. Второто е посилно пред други блиски или еднакви, а првото показ и доказ на меѓусебна признателност и заедничко дејание и создание.

Те почитувам оти знаеш да го изделиш вредното и трајното, бескрајното и возвишеното од нас за нас, но  истовремено да го вреднуваш и признаеш. Признанието и признателноста, пак, не се нужни. Сепак, добро е да бидат доказ за твоето знаење и почитување.

Се разбира, почитувањето, самопочитувањето, признавањето и признателноста мора да се заслужени-дека твоето дејствување или создавање го надминало твоето време, та навлегло во некое заедничко. И оти заслужуваат пофалба.

А самофалбата? Таа може да биде наспоредна, може и да следи по почитувањето, призанието и признателноста, заслугата и фалбата, но само до границата на добриот вкус. Зашто претераното самофалење (фалбаџиство) во голема мера е израз на инфериорност, неретко и на ароганција.  

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 147

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.