Оптимизам-Песимизам

Тивки клокоти

Не се може без оптимизам. Ниту во себе, ниту во светот со нас и околу нас. Дали е мерлив? Со која мера? Се разбира, не е немерлив, безграничен, бескраен.  Мал е или голем, малку е или многу, но секогаш беспоговорен. Најмногу е поврзан со личниот однос спрема стварноста, а потоа со ситуациите и состојбите кои влеваат надеж.

А вредноста на оптимизмот? Се согледува само во спротивставеноста на песимизмот.

Песимизмот, пак, е поразителна последица на ситуации и состојби за кои нема исходиште, решение, а стварноста ја огрубуваат, ја огрдуваат и ја обезличуваат. Најмногу е поврзана со разочараноста и неверувањето.

За оптимистот животот никој и ништо не може да го урниса. За песимистот тој во најголема мера зависи од други и човек мора постојано да се прилагодува на неговиот тек.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 137

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.