Цел

Тивки клокоти

Многу цели и една цел во сечиј живот. Многу секојдневни, одвреме-навреме, и една животна.

Многуте:

Се стасува до една, ретко предвреме, најчесто совреме. Од недогледна, скоро догледна или од почеток, однапред догледна. Потоа се продолжува кон друга, сеедно иста или различна, поблиска или подалечна од достасаната. Како продолжение на секидневното чекорење напред или како освојувачки попатни, како континуитет на лично извишување.

Едната животна цел:

Од првиот самостоен чекор е. Може сè уште неосознаена, докрај несогледана, но секако најголема, некогаш или никогаш достасана. Како предодредена, како однапред дадена од Бога, а со оглед на личните предиспозиции, интересот, талентот, посветеноста. Секогаш само една, единствена, неспоредлива со на друг, со на други.

Ништо не е возможно без цели. Дури и кога некој скита бесцелно во беспатје, и тој некој кога-тогаш, може несвесно, без да знае стасува на една, па на друга; од една на друга. Може и не негови.

Бесмислен е животот без животна цел. 

Прочитај и за ... >>  Незнаење-Неукост

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 136

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.