Расед

Јанѕи од јава во јазол

Згрме се затресе далеку
Земјата под нозете
На собрани стари луѓе
Без свои потомци
Околу оган во огниште
Што грее самотни срца.

Чуден е нивниот спокој
Близу до рамнодушност
Што ни да се помрднат
Од место
Како да не слушнаа
Како да не согледаа
Дека згрме се затресе
Земјата
Како да навикнале
На згрмување
И затресување на земјата.

Огнот ли во огништето
Им донесе глас
Дека недалеку од нив
Во предел во кој уште
Не стапнал човек
Се појавил расед
Ненадминлив
Ни со мост ни со прелет?

Чудно е дека спокојот
Близу до рамнодушност
Како да ги обеснажил
Собраните стари луѓе
Што да не можат
Ни да се помрднат
Од своите места околу
Огнот во огништето.

Како да се заледиле
нивните самотни срца.

Како нивните тела
Да почнале да умираат.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 26

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.