Теофил Михајлоски и мене и на многумина со мене ни е познат како умрен дамна, а жив сè додека меѓу нас има уште што-годе недоречено. Со кого и досега си пренесуваме еден на друг и допрва ќе си пренесуваме свои искази со ставови за многу нешта. Со оглед дека обајцата немаме време за чести среќавања, нужно е да нагласам дека меѓу нас не е возможен каков било разговор ако јас не појдам на гробишта и не стојам немо пред неговиот безимен гроб.
Значи, појдов на гробишта. Откако постојав скоро половина час немо пред неговиот гроб, Теофил Михајлоски вака зборуваше за времененоста:
„Сè е временено. И живо и мртво. Исто како што е сè минливо. Времененоста не треба да се поистоветува со траењето на паметењето или трајноста на заборавот.
Да ја разгледаме прво времененоста на сè живо на овој свет. Имено, притоа не треба на ништо да му даваме некакво предимство или, на пример, некакво првостепено значење на човечкиот живот сосе неговата постојаност и минливост. Значи, кога е збор за времененоста на сè живо на овој свет треба да ја имаме предвид целовитоста, подвижноста и животворноста. Да, станува збор за комплексност која човекот ја сведува на безначајности и вредности, а за да ја продолжи својата времененост, додека животните, птиците, инсектите и сиот друг жив свет го прават истото со инстинктот за самоодржување“.
Теофил Михајловски вака зборуваше за зависноста:
„Зависноста е може да се спореди со блиски и далечни нешта во стварниот свет, но најчесто ја споредуваме со окованост или враменост. Како во окови или во рамки. Таа е од раѓање до смрт, а човекот во живиот свет и дребнавостите во мртвиот залудно постојано се обидуваат да се ослободат од неа. Не разбирајќи дека е тоа напросто невозможно. Не е возможно дури ни во самост или во самоизолација. Почнувајќи од гладта и жедта, од кои зависи човечкиот живот во секоја секунда, минута, час, ден и ноќ, месец, година, деценија, цел век, сè до последниот издив. Почнувајќи од содавањето и моментната потреба од кои зависи траењето на дребнавостите“.
Теофил Михајловски вака зборуваше за меѓузависноста:
„Меѓусебната зависност, која јас порадо ја нарекувам обусловеност, во најголема мера се однесува на истовременото постоење на светот, реалноста односно објективноста на суштествувањето или вистинитоста од една страна, и трансцедентноста од друга. Која, пак, е сосем спротивставена на материјалноста. Светот односно реалноста е секогаш согледлива, прифатлива и податлива за употреба. Бедз оглед што човекот многу често ја извитоперува, би рекол како даденост ја злоупотребува многу често и во голема мера. Што се однесува на трансцедентноста, која јас порадо би ја поистоветил со заумниот свет, меѓузависноста најмногу влијае на чувството на постоење во различни времиња. Тоа чувство е најблиско до вистинитоста.
Би додал уште нешто во врска со меѓузависноста: таа престанува не по настапот на смртта, туку откако по неа ќе почне времененоста меѓу паметењето и заборавот“.
Теофил Михајловски вака зборуваше за личната слобода:
„Личната слобода јас ја поистоветувам со слободоумноста. Убеден сум дека со неа ја поистоветува секој што ја разбрал како суштина на човечкото индивидуално постоење. Белки не треба ни да спомнувам дека таа не се однесува на колективната. Според мене, колективната слобода никогаш не постоела, ниту може да постои. Имено, познато е дека и демократијата, како конкретизација токму на таквата слобода, наводно најизразена во можноста за избор, е несовршена измислица, но досега не е откриена или пронајдена посовршена од неа.
Главното прашање во врска со личната слобода или слободоумноста е колку е таа опасна, загрозувачка за владеењето. Поинаку речено: дали таа може да ја концентрира својата сила до таа мера што да ја инспирира, поттикне, па и да ја предводи толпата во борба против владеењето со неа? Јас, кој сè до смртта се сметав себеси за слободоумен и мошне влијателен, одговарам дека личната слобода е семоќна само во уметничкото творештво, особено во книжевното“.
Случајно или не, ми дојде на ум „Така зборуваше Заратустра“ на Фридрих Вилхелм Ниче, што го читав дамна, во раните младешки години. Решив што поскоро, можеби веќе утре да се сретнеме негде. Нешто ми вели дека се сè уште заедно.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 28