Судбина

Потребно време за читање: < 1 минута

Судбина ми била и да верувам и да не верувам во судбина. Така ми било пишано, тоа ми било речението.

Кога е збор за судбината, најпрво од сите прашања е дали таа постои или не. Со оглед на пишаното од мене погоре, одговорот би бил дека и постои и не постои.

Би се обидел да го промислам тоа, на пример вака:

Судбината постои во секој човек, и тоа во онаа мера во која ѝ се препушта како понешто пренесено од предците. Таа е во него и како неминовност за потомците. Што пренесено? Велам понешто, на пример самосвест, човекољубие, опстојба. Како неминовност? Како нешто што зависи од него самиот и од уката и поуката на опитните во години.

Судбината не постои бидејќи човекот го одживува животот според намерите, стремежите, целите, според сè она што го докажува како човек во светот, со свое време во свој простор. Човекот сам и заедно со друг, со други, некогаш повеќе сам, некогаш повеќе со помош на друг или на други ја крои својата судбина, поточно својата сегашност и својата иднина.

Ја прифаќам судбината како таква само кога е збор за љубовта.

Судбина ми била да ја споделувам мојата сегашност со мојата љубов.  

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни записи, 118