Моќ-Сила-Свирепост-Насилство-Безобѕирност

Потребно време за читање: < 1 минута

И моќ и сила како моќ и сила. Едната во друга, едната по друга, едната и другата едновремени. Потребни му се на човекот? Да за опстанок во свет во кој смртта навалува на животот, притоа не давајќи му време да се вкорени, да расте, да се извишува, да се плоди. Не против она, оној или оние што се секогаш со добро, за добро; кои дејствуваат, работат и создаваат за доброто на човештвото и светот во кој коегзистираат.

Свирепоста ретко е пред, по или наспоредна со моќта и силата. Напротив, таа поначесто е, некогаш неизоставно заедно со слабоста, инфериорноста, немоќта, обесссиленоста, па и со бесчестието. Со свирепост се владее најнапред поради страв од оној кон кого е таа насочена.

И насилството и безобѕирноста се од и за бесмислено, бесцелно и некадарно владеење. Најчесто поттикнато и поддржано од туѓини за нивни замисли и интереси. Но секое насилство и секоја безобѕирност не издржуваат долго пред самосвеста, слободата, слободоумноста и самобитноста на оној што ја открил, ја научил, ја почитува и брани вредноста на постоењето.  

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 115