Строеж

Потребно време за читање: < 1 минута

Строеж за луѓе кои не треба
Да се препознаваат ни сами
Смислија луѓе кои не сакаат
Да се познаваат меѓусебно
Како светот да бил нивен
Од памтивек.

Домови каменити глинени
Од железа и стаклени
Безвоздушни
Во шума од голи дрвја
Во кои нема рожба од љубов
Дека нема семе за плодење
Крај пепел во огниште.

Огнови распалени во корени
На ветришта подземни
За никој никако да не може
Да ги угасне барем мигум
Дури маски од лисје папрати
И трње
Не ги откријат своите лица.

Говори со слова уште живи
Меѓу знаци црти и песни
Славенички
Како да ќе нема нов почеток
На крајот на последен живот
Во мртва пустелија.

Гробови неми еден врз друг
Зашто веќе нема место
За новодојдени мртви
Се отвораат па се затвораат
Како во нив да се живи мртви
По мртви живи закопани
Од древни времиња.

Строеж од јанѕи и јазли
За дамна исчезнат свет
Како сведоштво за пропаѓање
На залезна надеж во безизлез.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 13