Засега четири нивни средби љубовни, а ниеден каков било знак дека скоро ќе се случи таква. Сите сведени на збор-два, ниедна цела реченица, ништо доречено.
Првата во кафуле крај брег на мртва река:
-Што правиш? Како си?
-Ништо не правам и не сум никако.
-Зошто така?
-Не знам. Можеби зашто не постојам ни за себе, камо ли за друг.
-Ни за мене?
-А кој си па ти, та да не и за тебе?!
-Како кој сум? Твој познајник, пријател, многу близок, љубовник…
-Ај доста! Не се замислувај дека си некој. Биди си што си без мене.
-Добро. Како сакаш.
Втората на снежен врв на планина над отруен град:
-Случајно се сретнавме на овој врв?
-Не знам. Јас тргнав сама. И ти? Во исто време?
-Не знам. Јас стигнав штотуку.
-И јас.
-Не ќе е случајно. Не може да биде.
-Па што ако не е и не може?
-Може да значи дека не можеме еден без друг.
-Тоа не може. Спротивни ни се карактерите. Можеби и меѓусебно неподносливи.
-Како знаеш кога стасавме на врвов штотуку?
-Мојот е расположен оти врвов е снежен.
-На мојот му студи.
-Ете. Самиот докажуваш.
-Ќе слегуваме заедно?
-Ако сметаш дека е подобро.
-Сметам.
Третата средба во градски парк на почеток на град, едно неделно сончево утро:
-Веќе е несомнено дека се познаваме. Само уште не знам дали доволно.
-Зависи за што. Ако е за искреност и заедничка желба, едноставно не може да е.
-Дали доволно за одвреме-навреме да си недостасуваме еден на друг во кое било време? Или, пак, да помислуваме дека сме заедно во неповторливи ситуации и состојби?
-Обете немаат никаква врска со искреност и заедничка желба.
-Јас сум искрен кога велам дека понекогаш не можам без тебе. Тоа значи дека ми недостасуваш во осаменост.
-Сосе твоето минато во некое наше време?
-И моето и на светот, и на стварноста во заумноста, и на животот во смрт без трага или со трајности во минливости, и на…
-Нема врска. Нашите различности не се надополнуваат.
-Тоа не го прифаќам.
-Добро.
Четвртата, засега нивна последна средба љубовна, како досегашните три со никаков знак дека скоро ќе се случи, среде мост од нескршливо стакло над бездна. Стравувајќи дека при нивен следен заеднички чекор ќе се скрши, ќе се преполови, ќе се распрсне и тие ќе полетаат во неа:
-Не е паметно што се договоривме да се сретнеме на мостов.
-Зошто не е? Белки не се плашиш.
-Не, нема зошто да се плашам, но тоа што не се осмелуваме ни чекор напред или назад…
-Баш убаво. Конечно нешто наше, заедничко.
-Мислиш нашава средба на мостов?
-Да, но и дека таа стана неминовна. Отсега можеме заедно молчешкум.
-Мене ми е тоа сеедно. Ние сме вон сите наши минати и сегашни времиња. Веќе не е прашање дали ќе стасаме во идно, заедно или секој со свое време, туку дали меѓу нас може да се случи нешто што не се случило досега.
-Тоа зависи од нас.
-Никако. Ни како никогаш досега…Знаеш со што сум преокупирана во моментов? Со естетското и етичкото. Дали се наспоредни, дали се дополнуваат или се меѓузависни. Сам по себе ми се наметнува заклучокот дека е најважно и едното и другото да не излезат од нас кога сме расположени како сега, на мостов.
-Како расположени?!
-Како да не можеме ни да живуркаме еден без друг…Се разбира дека можеме.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 13