Нивното време

Потребно време за читање: 2 минути

Ќе ви рече тој:

-Го живееме времево во нашево време. Колку што ни е дадено, до кога ни е пишано. Не го менуваме напросто затоа што времево не може да биде сосем наше, доколку се има предвид навалата на него од добронамерни и злонамерни. Поготово на неговото минато. Да му се намали значењето, да се обезвредни, тоа да се сведе на потврда на неговиот континуитет. На многумина, пред сè на младите им се чини дека нашево време е само минато кое го браниме зашто не сакаме да се прилагодуваме на динамичните, секојдневните промени во животов.

Ќе ви рече таа:

-Клучно за времево наспоредно и наспроти нашето време е прилагодувањето. Можеби баш на самиот почеток: противење на динамичните, секојдневните промени во животов. Не дека не ги прифаќаме,  тоа е напросто невозможно, туку не дозволуваме да завладеат со нас. Затоа што ги сметаме дури за погубни. Поготово ако сме целосно зависни од нив. Ближните и пријателите нè прифаќаат и нè разбираат, но се правдаат со тоа дека сакале-не сакале мораат да ги следат и да им се прилагодат на процесите и трендовите. На пример, следењето и прилагодувањето пред сè на технолошкиот развој, а воопшто на новите стандарди на квалитетот на животот.

Ќе ви рече тој:

-На пример, ни се чудат што не ги прифаќаме Интернет и мобилниот телефон, социјалните мрежи, вештачката интелигенција. Не станува збор за тоа да не ги користиме. Интернетот, сега и допрва вештачката интелигенција, мобилната телефонија, па и социјалните мрежи ни се секогаш на располагање. Ги користиме за откривање, осознавање, учење…Всушност,  особено младите како неприфаќање го толкуваат нашето инсистирање на непосредност, на директен контакт, на меѓусебно гледање и слушање, воопшто на сè она што ја содржи социјализацијата. Не ние да се прилагодуваме на новите технологии, туку нив да ги прилагодуваме на себеси. Не тие да завладеат со нас, туку ние да ги контролираме и прилагодуваме на нашите потреби, можности, надежи, желби. Како дел од личната и колективната слобода…

Ќе ви рече таа:

-На прво место ни е близоста меѓу нас и другите, оние што се со нас и околу нас. Најубави, би рекла и најдрагоцени ни се дружбите, еднакво генерациските и меѓугенерациските. Се разбира, во чија основа се доволноста, задоволството, откривањето нови вредности, постојаното богатење на квалитетот на животот, меѓусебната поддршка, меѓусебното спомагање…Суштината на нашето секојдневје е рамновесие меѓу времево и нашето време.

Последно од него:

-Не ни иде ни на крајот од умот нашето време да го наметнуваме како време на сите. Само ни тежи кога ближни и познајници, особено од помладите генерации од ден на ден сè повеќе го продлабочуваат јазот меѓу времево и нашето време.  

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 25