Живи книги

Потребно време за читање: 2 минути

Неговите книги во неговата домашна библиотека се живи од прва до последна. Од првата од пред многу векови, што ја пронајде во антикварницата на главната улица на градот низ кој минуваше еднаш, додека населуваше неколку дена и ноќи еден по друг мали и големи градови, па сè до последната што ја купи пред два дена во салонот на книгата на плоштадот на градот  од кого се подготвуваа да се иселат последните брачни двојки без рожби. Меѓу нив, во неговата домашна библиотека има книги од разни времиња, од знајни и незнајни творци, на кои веќе не им го знае бројот. Што е, впрочем, сосем неважно и за него и за нив. Единствено нешто заедничко им е што е секоја жива за него и тој за секоја е жив.

И тој и тие исполнуваат два предуслова за да бидат живи додека се живи. Првиот е да се разбираат меѓусебно, поготово кога меѓу нив завладува тишина, а тој испишува страница на свое ново дело, ред или стих. Вториот е да му се докажуваат и дополнуваат меѓусебно, со други зборови да му се отвораат и да бидат отворени сè додека нему му недостасува нешто; на пример опис на природна убавина, нечиј приказ на раѓање и смрт или некој детаљ од преселба на народ во слободен предел што ќе го вгради во нова авантура на неговиот творечки дух; поготово кога е решителен да навлезе во свој нов свет, создавајќи го истовремено.

Дали книгите во неговата домашна библиотека се живи и кога е тој со нив и кога се тие без него? Ни тие ни тој немаат одговор. Докажано е само тоа дека и во едниот и во другиот случај наместо тишина завладува молк од зборови расфрлани на сите страни; без свој почеток и крај, без заедничко продолжение и без никаква интерпункција меѓу нив. Па кога е тој пак со нив како без нив и кога се тие пак без него како со него, им требаат многу денови и ноќи за одново да ја воспостават меѓусебната егзистенцијална хармонија.

Меѓутоа, ноќеска, во ниедно доба на ноќта се случи нешто досега ни видено ни чуено: првата книга во неговата домашна библиотека, од пред многу векови, оставена на највисокиот рафт, мигум падна со трескот на подот! Сосем распарчена, без ниту една пожолтена страница споена со друга! А кога некако успеа да ја прибере, да ја собере во нивед ред меѓу кожените корици, се ужаси: сите страници, од првата до последната беа празни! Ниту збор, ниту слово, ниту знак на нив! Како да беше мртва!

Ја отвори вратата од својот дом, внимателно ја стави на прагот и заедно со сите други живи книги стоеше до рани зори со неискажлива жалост во срцето. Кога старата празна книга полета кон сонцето и тој и книгите се видоа дамна мртви.   

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 24