Јурат сенки на коњи
од земја до земја,
од небо на небо,
од една до друга
пустина скаменета
обградена со студ,
жештина, оган, крв
и гласови на луѓе
заробени во молк.
Јурат сенки на коњи
како да биле некогаш
нивни,
како да ќе бидат
нивни дури слободни
ветришта ловат
во своите гриви.
Јурат сенки на коњи
како да нема крај
за нив,
па ту се издолжуваат,
па ту се шират
обземајќи простор
замислен за гласови
насобрани
околу домашно огниште.
Јурат сенки на коњи
како да надоаѓа залез,
како самрак да тргнал
кон нив
пред да им згасне
последниот издив.
Ветришта ли решиле
конечно да ги одвеат
коњите во нова дивина,
слободна, животворна?
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 7