Фатил рибар во матна река рипче со јадиче и пред да го стави во мрежата со другите риби, сите поголеми и меѓу нив неколку најголеми, тоа му рекло со молежлив глас:
-Рибару со срце полно добрина, јас не сум обично рипче, туку златно. Не ти се гледам такво поради калливоста на дното и матноста на водата во рекава. Ако ме исчистиш и измиеш во бистра, ќе светнам со сета моја златост. А згора на тоа, јас сум и златно рипче кое фатено на јадиче исполнува три желби за да биде пуштено на слобода.
Рибарот одговорил подналутено:
-Како прво и прво, јас не сум еден од рибарите со три желби кои рибарат во надеж дека кога-тогаш ќе фатат златно рипче за да им ги исполни, а како второ и второ-не ти верувам дека си златно. Од рибарско искуство знам дека нема шанса во матна река да се најде такво. Но, и ако се најде случајно, тоа нема шанса да преживее до фаќање на јадиче.
Рипчето му рекло со убедлив глас:
-Ај посакај три желби, па ќе видиш дали ќе ти ги исполнам или не за да ме откачиш од јадичево и да ме вратиш во рекава.
Рибарот му одговорил беспоговорно:
-Јас немам ниту една, а камо ли три желби…Јас сум сиромав рибар и не живеам ни од желби ни од надежи или доверби.
Рипчето наговорувачки:
-Ако си сиромав. Си бил и ќе бидеш. Тоа нема врска со приказната за златното рипче и трите желби…Ај посакај само една. Јас ќе ти ја исполнам, а ти ќе ми ја вратиш слободата, ќе ме оставиш да си пливам и растам во матнава река.
Рибарот се думал некое време, па посакал од рипчето:
-Имам желба да ја фатам најголемата риба во рекава.
Рипчето се сепнало и потпрашало со стишан глас:
-Тоа не е можно со мало јадиче. Згора, за голема, особено за најголема риба треба посебен мамец. Исто како при фаќање на капо ди тути капи на мафија… Не може со обично црвче…Туку, ќе се задоволиш ли ако ти исполнам желба да фатиш доволно средни и големи риби, та да не си веќе сиромав рибар?
Рибарот ликувачки:
-Ете! Знаев јас дека ти не си никакво златно рипче што исполнува желби, туку обично кое досега растело во контролирана слобода…За кога ќе пораснеш да бидеш како нив. Исто како малите, средните и големите мафијаши во мафијашка партија на власт…Ама ај да ти дадам уште една шанса да ми се докажеш како златно рипче. Ќе те пуштам на слобода во матнава река ако мигум ѝ го исчистиш дното од калта и ако ѝ ја избистриш.
Пред да признае дека желбата не може да му ја исполни напросто затоа што тоа не зависи од него, рипчето допрашало:
-Кај ти текна тоа…Јас немам слушнато ни за лов ни за риболов во бистро, туку само во матно…Може некоја друга желба, макар и поголема од најголема?
Сиромавиот рибар:
-Не може!…Доста се мајтапиш со мене!…Не ти ја враќам слободата во матнава река!
Го ставил рипчето во мрежата, меѓу веќе фатените мали, средни и големи риби, па продолжил да рибари.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 26