Не дојдоа до работ на новата бездна, која не знаат кога се јавила, се случила, се создала, секако по некое од невремињата во последните неколку децении, туку седнаа на една голема карпа, два-три метри пред неа. Доволно за да не го предизвикаат во себе стравот од височина што го открија уште во нивното заедничко детство, кога искачуваа рид како дел од една само нивна игра. Седнаа да расправаат и да одлучат што и како пред или по новиот понор Аристотел, Пабло Пикасо и Радован Павловски, светски видни мислечки и творечки личности. Се разбира, со нив не беше, а како да беше Тој или Јас.
Најпрвин е нужно да се нагласи дека секогаш кога е збор за нов понор, тоа значи дека пред неа имало или има една, можеби повеќе, можеби многу. Особено затоа што во последните неколку децении тие како да зачестија, па сè повеќе ги загрижуваа борците за рамнотежа меѓу природата и исчезнатите и сè уште живите народи во светот. Дека нерамнотежата доведува до повремени, но сè подолготрајни невремиња, а кои, пак, неминовно предизвикуваат и допрва ќе предизвикуваат катаклизми, сè до конечно самоуништување на планетата Земја, односно експлозија и нејзина истовремена имплозија. Аристотел, Пикасо и Павловски се согласија дека новиот понор во голема мера е продолжение на два претходни што со крајни заеднички сили успеаја да ги надминат; првиот следејќи река понорница, за која знаеја дека е наспоредна со неа од изворот до вливот, а вториот преминувајќи ја на најтесното место преку мовче од греди и јажиња, за чие правење потрошија точно две ипол години од своите творечки времиња. Обата понора беа еднакво близу до новиот, и тоа додатно ги загрижуваше.
Главно нагласување на Радован Павловски:
„Метафорички, според мене овој нов понор дефинитивно го разделува просторот на дел од светот на животот на стварна и заумна ограниченост. Го гледам како последен по кој на луѓето им е сеедно до каде стасале, дали има уште нешто за нивно самодокажување. Кога е што и како, зашто веќе за никого нема време до смрт за истовременост на спокојот и возбудата“.
Главно нагласување на Аристотел:
„Овој нов понор е уште еден како последица на тектонски поместувања на минато и иднина во сегашност. Не само во филозофска смисла, туку и во конкретноста на постоењето на животот како даденост од Бога. Се разбира, воопшто не е случајно што се појавил токму овде, на овој простор омеѓен со стари и високи планини кои можат да се искачат со огромен напор. Пропадна голема поврвнина плодна почва, заедно со многу извори бистра вода, брзаци, езерца, големи и длабоки реки. А понорот е навистина застрашувачки доколку се стои на неговиот раб. Мене ми изгледа како крај на човечко дејствување и создавање од една страна, а од друга залудност за почеток на што-годе ново“.
Главно нагласување на Пабло Пикасо:
„Јас се плашам дека новиов понор нема да биде ниту еден од последните, ниту последен. Не затоа што веќе се соочивме со неколку пред него, секој нареден поширок и подлабок, туку дека според кажувањата на оние што застанале на неговиот раб и погледнале во неговата длабина докажуваат оти таа завршува со жив оган. Значи, тој е активен понор што допрва ќе се шири и продлабочува, без надеж творците како нас да го надминат макар духовно, со моќта на својата индивидуалност. Сивилото на материјалното, суштината на овој најнов понор, конечно сосем ќе го изобличи спонтаното, инспиративното, динамичното и непрестаното испреплетување на слободните форми и никогаш доискажаните содржини“.
Тој или Јас им предложи да соберат лична храброст и да застанат на работ на понорот, нагласувајќи дека тоа може во нив да разбуди нова творечка енергија. Можеби дури и нова духовност која одново ќе ги доближи стварната и заумната ограниченост во светот на животот. Тоа го отфрлија тројцата одлучно и едногласно.
Заедно продолжија наспоредно со понорот, кон далечен хоризонт.
МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 9