Кршење на огледало

Потребно време за читање: < 1 минута

Пред некои луѓе големо огледало во рамка. Сè уште никој од нив не открива кои се, ниту зошто е огледалото во рамка пред нив. Тие како да исчекуваат нешто, повеќето со загрижени и исплашени лица. Како да одбегнуваат да се погледнат себеси и меѓусебно.

Сè уште никој не се прашува зошто е огледалото во рамка, па уште големо. Толку големо што може да ги збере и да ги впие во себе сите. Сè уште никој околу нив не се прашува ни од каде се дојдени ни од кога се заедно.

Никој нема одговор дали станува збор за конкретно случување, можеби за некаква состојба на себепреиспитување и себепрепознавање или, пак, метафора на нов почеток, зачекорување во нов свет по огледување и согледување на сопствено заедничко минато.

Исчекоруваат неколцина, машки и женски деца и возрасни. Се доближуваат на дофат на големото огледало. Решително, како да ќе сторат нешто неминовно.

Останатите со извици на одобрување и ракоплескање ги проследуваат нивните удари со тупаници и кршењето на огледалото на парампарчиња.

Зад рамката на скршеното огледало се отвори широка бездна. Луѓето едвај се задржаа на нејзиниот раб.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 65